Илиевски поднесе неочекувана оставка, Македонија ќе добие нов селектор

Дерби

20/01/2026

20:38

346

Големина на фонт

а а а

Марјан Илиевски нема повеќе да ја води македонската кошаркарска репрезентација откако поднесе оставка на оваа функција, информираше македонската федерација.

Илиевски ја извршуваше оваа функција само неколку месеци, па овој потег дефинитивно е големо изненадување.

-Иако Управниот одбор беше изненаден од ваквата одлука, Федерацијата во целост ја почитува личната и професионалната одлука на г. Илиевски и уште еднаш упатува искрена благодарност за неговиот ангажман, професионалност и придонес во периодот додека ја извршуваше селекторската функција, со желби за многу успех во неговата понатамошна кариера, -велат од КФМ.

Воедно била донесена одлука за назначување на легендарниот Владо Илиевски за координатор на сите национални репрезентативни селекции.

Именувањето на Владо Илиевски претставува силна порака за јасна визија, континуитет и системски развој. Станува збор за една од најголемите фигури во историјата на македонската кошарка, поранешен долгогодишен репрезентативец, лидер на теренот и дел од најуспешната генерација на националниот тим, со која беше испишана историја на Европското првенство во 2011 година.

Неговото огромно меѓународно искуство, длабокото познавање на репрезентативниот систем и авторитетот што го ужива во кошаркарските кругови ќе бидат ставени во функција на унапредување на работата на сите сениорски и младински национални селекции, подобра координација меѓу нив, како и дефинирање на стратешки насоки за нивен долгорочен развој.

Во таа насока, Управниот одбор изразува очекување дека во најкраток можен рок, токму преку предлог на новоименуваниот координатор, ќе биде дефинирано и решението за селекцијата на нов селектор на машката сениорска репрезентација, со што ќе се обезбеди стабилност и навремена подготовка за претстојните репрезентативни обврски.

Покрај ова, Управниот одбор ги утврди критериумите за избор на стручни лица во рамки на Спортската академија, како и формирање на комисија задолжена за утврдување на исполнетоста на критериумите за селекција на тренери, со цел подигање на квалитетот и професионалните стандарди во македонската кошарка.

Дополнително, беше донесена одлука за зголемување на надоместокот за статистичарите на 1.500 денари по натпревар, како признание за нивниот придонес и значајната улога во натпреварувачкиот процес.

Македонската кошаркарска федерација со ова соопштение јасно потврдува дека останува посветена на стабилност, транспарентност и долгорочен системски развој, при што во фокусот се националните селекции, стручното работење и враќањето на довербата и амбицијата во македонската кошарка, –велат од куќата на кошарката.