Иако со децении важи за една од најголемите холивудски ѕвезди, актерот Мет Дејмон (55) морал да помине низ сериозна физичка трансформација за својата најнова улога во претстојниот филм Одисеја на режисерот Кристофер Нолан. Дејмон откри како успеал драстично да ослабе и да постигне завидна форма, а деталите ги сподели во неодамнешно гостување во популарен поткаст.
Гостувајќи на 7 јануари во поткастот „New Heights“, кој го водат браќата Џејсон и Тревис Келси, Дејмон зборуваше за подготовките за улогата на легендарниот Одисеј. Откако Џејсон Келси забележа дека актерот на првите снимки од сетот изгледа „прилично набилдано“, Дејмон потврди дека влегол во „навистина добра форма и изгубил многу тежина“. Целиот процес го спореди со подготовките на спортистите за натпреварите во „NFL“, истакнувајќи дека таквиот режим со време станува дел од работата и секојдневието.
Тајната е во исфрлањето на глутенот
Дејмон откри дека за улогата изгубил дури 13,6 килограми, а клучниот дел од диетата било исфрлањето на една работа – глутенот. Таа одлука случајно се поклопила со совет што претходно го разгледувал со својот лекар.
„Нолан рече дека ме сака виток, но силен. Ослабев затоа што престанав да јадам глутен“, раскажа Дејмон и додаде: „Обично имав меѓу 84 и 91 килограм, а филмот го снимав со околу 76 килограми. Не сум бил толку лесен од средно училиште. Значи, имаше многу тренинзи и многу строга диета.“
Дали безглутенската исхрана помага при слабеење?
Глутенот е протеин што се наоѓа во пченицата, ’ржта и јачменот, како и во многу преработени намирници како тестенини, леб и житарки. Некои луѓе го избегнуваат поради целијакија – болест при која имунолошкиот систем го оштетува тенкото црево – или поради нетолеранција.
Сепак, и покрај искуството на Дејмон, лекарите одамна ја отфрлаат идејата дека само исфрлањето на глутенот води до губење килограми. Од „Cleveland Clinic“ наведуваат: „Апсолутно нема докази дека само исфрлањето на глутенот ќе резултира со слабеење. Но, ако се храните без глутен, можеби ќе носите поздрави избори во исхраната затоа што сте посвесни како да ги читате декларациите на храната.“
Експертите додаваат дека безглутенската исхрана често ги поттикнува луѓето да јадат повеќе цели намирници, како овошје, зеленчук, мешунки и немасно месо, а ваквите промени во исхраната често се поздрави и резултираат со понизок внес на калории.










