Американската триатлонка Ерика Фокс (55) загинала во напад од ајкула покрај брегот на Калифорнија, додека пливала со својот сопруг. Нејзиното тело било пронајдено во саботата попладне, јужно од плажата Дејвенпорт во округот Санта Круз, на околу 40 километри од местото каде што последен пат била видена.
Фокс исчезнала на 21 декември додека пливала во група од 14 членови на локалниот пливачки клуб „Kelp Krawlers“. Нејзиниот сопруг, Жан-Франсис Ванреусел, изјавил за „Mercury News“ дека пливал околу стотина метри зад неа кога ајкулата ја зграпчила и ја повлекла под водата.

Сведоци пријавиле дека виделе ајкула со човечко тело во челустите пред да нурне, потврдил претставник на Крајбрежната стража, пренесува „New York Post“. Ванреусел навел дека телото на неговата сопруга било пронајдено во црн нуркачки костум и дека на глуждот сè уште го имала таканаречениот „shark band“, електромагнетен уред наменет за одбивање ајкули.
„Не знаеме што понатаму“
За време на комеморативната процесија покрај брегот во неделата, на која десетици членови на клубот го одбележале нејзиното последно пливање, Ванреусел изјавил: „Не сакаше да живее во страв“, додавајќи: „Живееше со полни гради.“

Според „Mercury News“, ова е втор смртоносен напад од ајкула во областа „Lovers Point“ во последните 73 години и прв од декември 1952 година, кога таму загинало 17-годишено момче. Воедно, ова е и втор напад врз член на клубот „Kelp Krawlers“ во последните три и пол години. Стив Брумер преживеал каснување во ногата благодарение на брзата помош од кајакар на даска.

Долгогодишната членка на клубот, Шарен Кери, која плива со „Kelp Krawlers“ повеќе од десет години, се запрашала: „Дали луѓето ќе се вратат во океанот? Мислам дека во моментов никој не знае, бидејќи сите сè уште сме во шок, неверување и тага, не знаејќи што ни претстои, освен да се сакаме и меѓусебно да се поддржуваме.“












