Управниот одбор на Фудбалската Федерација на Македонија ја затвори 2025-та година со седница на која беа донесени неколку одлуки, а главна вест од собирот е покренатата постапка против поранешниот претседател на Федерацијата, Муамед Сејдини.
Масар Омерагиќ си даде една година за да направи ребаланс на сето она што се случувало во претходниот мандат, па после цела собрана документација, од ФФМ се сомневаат дека Сејдини проневерил околу 700 илјади евра.
– Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија, на денешната седница, донесе одлука за покренување дисциплинска постапка пред Дисциплинската комисија на ФФМ против поранешниот претседател на федерацијата, Муамед Сејдини.

– Постапката се покренува поради основано сомнение за измама и доведување во заблуда на членовите на Управниот одбор, поврзано со авансната исплата во износ од 700.000 евра кон фирмата-изведувач задолжена за изградба на трибината на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид.
– Исплатата, согласно достапната документација, била извршена самоиницијативно, спротивно на одлуката на Управниот одбор и спротивно на понудата и надлежностите и без да биде обезбедена банкарска гаранција.
– Управниот одбор оценува дека постојат елементи на тешки повреди на службените обврски и делување спротивно на интересите на ФФМ, со што се нанесени негативни последици врз репутацијата и финансиското работење на федерацијата, – се вели во соопштението на Федерацијата.








