Предупредување за Москва и Пекинг! САД лансираа интерконтинентална балистичка ракета „Minuteman III“: Ова покажува колку сме смртоносни

Точка

05/11/2025

20:10

2.034

Големина на фонт

а а а

Соединетите Американски Држави извршија тест лансирање на интерконтиненталната балистичка ракета „Minuteman III“, само неколку дена откако претседателот Доналд Трамп повика на повторно активирање на програмата за тестирање на нуклеарното оружје.

Истовремено, токму денес, Владимир Путин им нареди на руските институции да започнат подготовки за тестирање на нуклеарниот арсенал на Русија.

Тестирање од базата „Vandenberg“

Станува збор за тест лансирање спроведено од Командата на воздухопловните сили за глобален удар (Air Force Global Strike Command), од базата „Vandenberg“ во Калифорнија.

Ракетата, означена како GT 254, има можност за носење нуклеарна боева глава, но во овој случај беше ненуклеарна, пренесува „New York Post“.

По лансирањето, ракетата успешно прелета илјадници километри и падна во близина на воениот полигон „Ronald Reagan Ballistic Missile Defense Test Site“ на Маршаловите Острови.

Порака со силен политички одзив

Иако ова лансирање било планирано неколку месеци однапред, сепак предизвика големо внимание во јавноста и меѓу воените аналитичари, бидејќи Трамп минатата недела му наложи на Пентагон да разгледа повторно спроведување на нуклеарни тестови – што би било првпат по повеќе од 30 години.

Столб на американскиот нуклеарен арсенал

„Minuteman III“ претставува клучен елемент на американскиот нуклеарен арсенал, создаден со цел одвраќање на потенцијални непријатели.

Според официјалната воена доктрина, оваа ракета може да се употреби само како одговор на нуклеарен напад од друга држава.

Освен интерконтиненталните балистички ракети лансирани од копно, САД располага и со нуклеарно оружје кое може да се испукува од подморници, како и стратешки бомбардери, со што се обезбедува повеќеслоен систем за одбрана и одмазднички одговор во случај на агресија.

Со ова тест лансирање, Вашингтон испраќа јасна порака за технолошката подготвеност и моќта на американскиот нуклеарен потенцијал – и тоа во момент кога геополитичките тензии меѓу светските сили повторно растат.