Кој е Зохран Мамдани: од рапер до градоначалник на Њујорк

Макфакс

05/11/2025

21:54

351

Големина на фонт

а а а

Зохран Мамдани, 34-годишен демократски социјалист, кој наскоро ќе ја преземе функцијата градоначалник на Њујорк, е исто така првиот муслимански и јужноазиски лидер во градот.

Тој е роден во Кампала (Уганда) и кратко живеел во Јужна Африка пред неговото семејство да се пресели во Њујорк, пишува „Скај њуз“.

Неговата мајка е филмската режисерка Мира Наир, а неговиот татко Махмуд Мамдани е професор по антропологија на Универзитетот Колумбија.

Пред политиката, Мамдани бил рапер под името „“Young Cardamom”“, а подоцна како „Mr Cardamom“, создавајќи музика дури и за филмови на Дизни.

Мамдани се оженил со Рама Дуваџи, сириско-американскa уметница која ја запознал преку апликацијата за запознавање „“Hinge”, претходно оваа година.

Работел како советник за домување помагајќи им на сопствениците на куќи со ниски приходи да се борат против иселувањата.

Мамдани беше избран во Собранието на државата Њујорк во 2020 година, што го прави првиот човек од Јужна Азија и Уганда во тоа тело, како и третиот муслиман.

За време на тој мандат, тој предложи бесплатни автобуси и грижа за деца, изградба на нови станови, зголемување на минималната плата финансирана од повисоки даноци за богатите, како и вработување илјадници нови наставници и замрзнување на зголемувањето на кириите за регулирани станови.

Тој е познат и по користењето на социјалните мрежи за ангажирање на млади гласачи, со милиони следбеници на Инстаграм и „Тик-ток“.

Мамдани отворено го критикуваше Израел и ја поддржа палестинската држава, повикувајќи на значително зголемување на даноците за богатите.

Неговите ставови се поделени во Демократската партија, но тој доби поддршка од сенаторот Берни Сандерс и сенаторката Александра Окасио-Кортез.

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, критички го коментираше Мамдани, нарекувајќи го „комунист“ и предизвикувајќи ја неговата способност, пишува „Скај њуз“ и додава дека Мамдани, од друга страна, активно ја критикувал администрацијата на Трамп и ветил дека ќе ги брани имигрантите и градската автономија.

Во својот победнички говор, Мамдани му порача на Трамп: „Ако некој може да ѝ покаже на нацијата предадена од Доналд Трамп како да го победи, тоа е градот што го роди“, а додека тој говор сè уште траеше, Трамп му одговори на „Truth Social“ пишувајќи „И така започнува“.

Во вторникот, Мамдани победи на изборите за градоначалник на Њујорк и ќе положи заклетва на Нова Година.