Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција порача дека Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија е сериозен аларм за иднината и перспективата на државата, нагласувајќи дека е најлошиот извештај којшто Македонија го добила во изминатите десетина години.
„Објавувањето на Извештајот за напредокот со оцена дека Македонија не постигнала напредок на европскиот пат, ни испрати јасна порака каде се движи земјава изминатите година и пол под власт на ВМРО-ДПМНЕ. Овој Извештај е практично најлошиот извештај којшто сме го добиле изминатите десетина години и сериозно го вклучува алармот за иднината и перспективата на државата“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ посочи дека извештајот го потврдува застојот и назадувањето на земјата во процесот на европските интеграции и дека потребни се итни чекори за враќање на државата на европскиот пат.
„Се случи тоа што предупредувавме, ВМРО-ДПМНЕ успеа за една ипол година да не стави во групата со Косово, со Босна и Херцеговина, со Молдавија, со Украина, со земји коишто последни го почнаа патот на евроинтеграциите”, изјави Филипче.







