Кошаркарскиот свет доживеа голем земјотрес. На прес-конференција, ФБИ ги објави првите резултати од истрагата, наведувајќи дека станува збор за организирана мрежа која користела доверливи информации од НБА лигата за да оствари огромни добивки од обложување.
Бекот на Мајами Хит, Тери Розиер, тренерот на Портланд Трејл Блејзерс, Чонси Билапс и поранешниот НБА играч и тренер Дејмон Џонс беа уапсени во голема операција на ФБИ во четврток.

Покрај нив, под исти истраги се најдоа уште 27 лица, вклучувајќи 13 членови на мафија од дури 11 американски држави.
Обвиненијата вклучуваат нелегално обложување, изнуда, перење пари и спортска корупција.
Детали за истрагата на ФБИ
На прес-конференција, ФБИ ги објави првите резултати од истрагата, наведувајќи дека станува збор за организирана мрежа која користела доверливи информации од НБА лигата за да оствари огромни добивки од обложување.
Шест лица се директно осомничени за протекување на интерни податоци за играчи и клубови, додека другите се обвинети за местење нелегални покер игри.
Розиер ги продал информациите за 200.000 долари
Според истрагата, Тери Розиер е осомничен за давање доверливи информации за неговата повреда пред натпреварот на 23 март 2023 година.

Според ФБИ, Розиер дал претходно известување дека ќе го напушти натпреварот порано, што го сторил по само девет минути игра.
Овие информации биле користени за обложување во кое учесниците профитирале стотици илјади долари.
Розиер наводно добил 200.000 долари за дојавата.
Билапс и Џонс: наместени покер игри и дојави од соблекувална
Тренерот Чонси Билапс и Дејмон Џонс се осомничени за учество во измами поврзани со нелегални покер игри.

Според ФБИ, двајцата биле „мамки“ кои поканувале богати луѓе да учествуваат во натпревар против познати НБА имиња, додека исходот бил однапред договорен.
Според обвинението, жртвите изгубиле повеќе од 7 милиони долари во овие натпревари, вклучувајќи едно лице кое изгубило 1,8 милиони долари.
„Заговорник број 8“ и сомнежи за Билапс
Во документите на ФБИ се наведува дека лице опишано како „Заговорник број 8“, чиј опис се совпаѓа со Билапс, на 24 март 2023 година дало дојава дека Портланд ќе „се „задуши“ против Чикаго Булс и дека „неколку важни играчи нема да играат“.

Портланд го загуби тој натпревар со 28 поени разлика, без четири стандардни кошаркари.
Леброн Џејмс ненамерно вовлечен во случајот
ФБИ и ЕСПН открија и нова насока на истрага која го вклучува Леброн Џејмс.
Според извори на ЕСПН, Дејмон Џонс им пренесувал доверливи информации за здравјето на Џејмс на своите соработници, иако Леброн не бил свесен за тоа.

Еден од случаите датира од февруари 2023 година, кога Џонс му испратил порака на пријател:
„Стави голем облог на Милвоки, Леброн нема да игра вечерва. Уплати многу за да можам и јас да јадам вечерва“.
Според ФБИ ваквите пораки довеле до стотици илјади долари нелегална добивка.
Судска постапка и кауции
Како што е потврдено, Чонси Билапс ќе се појави на суд за прв пат на 24 ноември, додека Тери Розиер ќе биде сослушан на 8 декември.
Поради „сериозноста и финансискиот капацитет на обвинетите“, обвинителството побара висока кауција за нивно ослободување.
Мрежата се шири – истрагата е во тек
Оваа истрага, според ФБИ е поврзана со случајот на Донте Портер, поранешен играч на Торонто, кој претходно беше цел на мафијата поради коцкарски долгови.
Иако Портер не е меѓу обвинетите во овој случај, тој се смета за клучна фигура во разоткривањето на пошироката мрежа.

Најголемиот број сомнителни плаќања и добивки е поврзан со натпреварите на Шарлот Хорнетс, Портланд Трејл Блејзерс, Лос Анџелес Лејкерс и Торонто Репторс.
Овие апсења би можеле да станат најголемиот скандал во НБА лигата по аферата со Донаги (2007), кога судија беше обвинет за местење натпревари.
ФБИ објави дека истрагата е сè уште во тек и дека бројот на обвинети би можел да се зголеми во наредните недели.











