Тренерот на Олимпијакос ги обвини судиите за поразот од 6:1: Секогаш се случува истото со Барселона

Дерби

22/10/2025

14:26

301

Големина на фонт

а а а

Барселона ја оправда фаворитската улога и го совлада Олимпијакос со 6:1, но четири од шесте погодоци ги постигна во ситуација кога гостите од Грција останаа со играч помалку на теренот.

Хезе доби контроверзен црвен картон (втор жолт) поради контакт со Касадо и сите во гостинскиот табор останаа зачудени од одлуката на главниот арбитар, но во продолжение, беше досуден и сомнителен пенал за Рашфорд со кој беше најавен потопот на Олимпијакос во завршните 30 минути.

Убедливиот пораз остави горчина кај искусниот Хосе Мендилибар кој не ги криеше фрустрациите крај теренот, а во тој стил продолжи и на прес-конференцијата, на која порача дека не му е првпат да биде „ограбен“ на стадион на Барселона.

– Чувството е многу лошо после ваков натпревар. Во првиот дел се натпреварувавме добро, губевме 2:0, но имавме свои шанси. Во вториот дел, влеговме добро со пеналот и голот, но радоста кратко траеше.

– Вториот жолт картон кој го добивме е несфатлив, а за да биде уште полошо, досудија и смешен пенал. На вакви стадиони не ви подаруваат ништо, но на нас ни одземаа. Кога се вративме назад во мечот, официјалните лица решија да не извадат од него. Ова ми се случуваше против Барселона и како тренер на Еибар, затоа е многу тешко да се победи тука, – изјави нервозниот Мендилибар.