[ВИДЕО] 7-годишната Ива со глас што допира до срцето: Слушнете ја новата емотивна преработка на „Немир“ од Тоше и Каролина

Точка

20/10/2025

17:50

1.575

Големина на фонт

а а а

Песната „Немир“ - еден од најемотивните дуети на македонската музичка сцена, оригинално изведена од Тоше Проески и Каролина Гочева, доби нова, свежа верзија.

Овојпат во изведба на пејачот Денис Димоски и малата Ива Пауновиќ, која со својот детски шарм и чист глас внесе посебна топлина во песната.

Ива Пауновиќ има 7 години и започнала да учи пеење под менторство на Денис на 6-годишна возраст. Како што ни открива нејзиниот ментор - таа многу ги сака песните на Тоше, Каролина и ДНК.

Каверот, кој веќе ги освојува социјалните мрежи, е снимен во Градски парк, со многу емоции и почит кон оригиналот. Денис и Ива успеаја да ја пренесат магијата на песната на еден нов, нежен и современ начин, задржувајќи го духот на Тоше и Каролина, но додавајќи и своја искреност и енергија.

„Во чест на нашиот Тоше, ви ја претставуваме нашата изведба на 'Немир', заедно со една од моите најмлади ученички Ива“, споделува Денис.

Малата Ива, пак, со својата природност и сигурност пред камерата, веднаш го освои срцето на публиката. Таа вели дека ѝ било голема чест да пее песна од Тоше и дека ова е еден од нејзините омилени моменти досега.

Видеото е снимено со внимателна продукција и топла атмосфера што совршено ја доловува емотивноста на песната.

Со овој кавер, Денис Димоски уште еднаш докажува дека знае како да создаде емоција, а истовремено ни претставува нов млад талент кој ветува многу.

Инаку, на почетокот на 2025-та година, во јануари, Ива дебитирала на интернационалниот натпревар од Светската асоцијација на фестивали (WAF) во Скопје, каде што во прва возрасна категорија освоила второ место од интернационалното жири со песната „Оро“ од Јелена Томашевиќ.

Автор: Ц.Н.