Истражување на „BBC“: Настинка, грип или корона? Зошто сите одеднаш се болни?

Точка

13/10/2025

19:55

1.126

Големина на фонт

а а а

Дали сте болни? Доколку не сте, веројатно познавате некој којшто е или барем некој којшто штотуку закрепнал.

Кашлицата и настинката, се чини како моментално да се многу распространети, а „BBC“ истражил зошто се случува тоа.

„Ова е нормално, сепак е есен“, вели професорот Џонатан Бол од училиштето по тропска медицина во Ливерпул за „BBC“.

Тој објаснува дека комбинацијата на деца кои се враќаат во училиште, возрасни кои се враќаат на работа после одмор и луѓе кои повеќе време поминуваат во затворени простории како што времето станува постудено, создава плодно тло за ширење респираторни вируси.


„Во основа, имаме голем дел на различни вируси кои почнуваат да кружат. Имунитетот слабее и лесно се разболувате“, вели професор Бол.

Всушност постојат повеќе од 100 различни вируси кои предизвикуваат инфекции во горните и долните дишни патишта, со некои бактериски инфекции.

Има ли повеќе болести од вообичаено?

Податоците кои ги собрала Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство покажува дека риновирусот – она што многумина го нарекуваат вообичаена настинка, е во пораст во последните недели и се чини дека моментално е најчестата болест.

Коронавирусот исто така кружи, поттикнат со две нови варијанти – XFG која некои ја нарекуваат Startus и NB.1.8.1, познат како Nimbus.

Но, во популацијата веќе постои висок степен на имунитет, што значи дека за поголем дел од луѓето тоа претставува блага инфекција.

Постојат и знаци на пораст на грип кај луѓето од 15 до 25 години, додека пак респираторните вируси кои можат да предизвикаат сериозни проблеми кај малите деца исто така имаат тенденција на јакнење во текот на есента.

„Грипот вообичаено доаѓа подоцна, во декември и јануари. Но, тоа не е секогаш случај, а пандемијата ги наруши традиционалните сезонски трендови. Она што го видовме во текот на последните години или нешто повеќе е дека трендовите се враќаат на сличното нормално“, вели епидемиологот Џејми Лопез Бернал.

Тој додава дека обемот на заболување моментално не е висок.

„Коронавирусот е над просечното ниво, а има и многу риновируси. Порастот на грипот кај помладите можеби дошол малку порано од што очекувавме, но и натаму е на ниско ниво“, заклучил епидемиологот.

Симптомите на настинка, грип и сериозни вируси како короната често се преклопуваат.


Како може да се заштитите?

Респираторните инфекции може да бидат многу опасни за луѓето со хронични болести, особено во текот на зимата.

Сепак, нема докази дека вирусите кои моментално кружат предизвикуваат посериозни проблеми од вообичаено.

„Сите реагираме на различни начини, а всушност не разбираме зошто“, признава професорот Бол.

Тој додава дека годините и телесната кондиција имаат големо влијание, но дека понекогаш одлучува и генетиката, исцрпеноста или тоа кога последен пат сте биле изложени на одреден вирус.

Најважен чекор во заштитата е вакцинацијата, доколку ги исполнувате условите. Вакцините се нудат за да се заштитат оние кои се најизложени на сериозните болести, постарите лица и оние со одредени здравствени состојби.

Доколку сте болни може да им помогнете на другите така што редовно ќе ги миете рацете, особено по кашлање или кивање, ќе останете дома доколку можете и ќе размислувате за носење маски доколку мора да одите на јавни места.

„Поголем дел од луѓето ќе добијат една или две респираторни инфекции секоја година. Во одредена смисла тоа е добра работа кога сте дете или здрава возрасна личност. Со изложувањето на инфекциите градите имунитет низ природна зараза, така што кога ќе бидете повозрасни ќе имате доволно имунитет да не заболите сериозно“, заклучил професорот Бол за „BBC“.