Жените се главната работна сила, живеат во куќи од кравја балега, а црвената боја им го чува животот: Запознајте го племето Масаи

Точка

10/08/2025

15:36

2.654

Големина на фонт

а а а

Во куќи изградени од кал и кравја балега, каде што жените се главната работна сила, а мажите имаат дозвола да имаат по неколку сопруги, во срцето на источна Африка живее народот Масаи. Нивниот живот, култура и традиција и денес се автентични и длабоко поврзани со природата, со која векови живеат во хармонија.

Екипата на порталот „Telegraf.rs“ имала несекојдневна можност да посети едно од бројните села на ова племе во националниот резерват „Masai Mara“ во Кенија. Нивната срдечност, љубезност и отвореност оставаат голем впечаток врз сите кои имаат чест да поминат некое време со нив и да научат нешто за нивниот живот.

Во „Masai Mara“, скапоцен камен на Кенија и едно од последните засолништа за слободно движење на африканскиот дивеч, се наоѓаат околу 300 одвоени заедници во кои живеат членови на племето. Секое семејство има свој поглавар, а постои и главен поглавар во селото.

Тие живеат во селски заедници кои се оддалечени од градовите, а населбите се нарекуваат „enkang“ (или „kraal“). Тоа се затворени кругови од куќички опкружени со ограда од трње, кои служат и како заштита од дивите животни. Се работи за номади, кои често ги селат своите заедници во зависност од сушните и дождовните сезони.


Главната работна сила во селото се жените, кои дури и ги градат куќите во кои живеат. Се работи за објекти кои се прават од кал, кравја балега, дрво и сува трева. Куќите се ниски, тесни, без прозорци, а внатре обично постои огниште и места за спиење. Племето често се сели и поради нападите од термити, па мораат да најдат друго место за живеење. Покрај тоа што градат место за живеење, жените готват, се грижат за децата и прават накит.

Од друга страна, мажите се пастири, воини и заштитници на селото. Во племето владее полигамија, а мажите имаат дозвола да имаат и по седум, осум жени.

Масаи се традиционално сточарски народ – нивното богатство се мери според бројот на говеда. Кравите се централен дел од животот: даваат млеко, месо, кожа, па дури и крв, која понекогаш ја пијат измешана со млеко (во посебни пригоди).


Иако со текот на времето некои Масаи се занимаваат и со земјоделство или туризам, мнозинството сè уште живее номадски начин на живот, селејќи се со стадата во потрага по подобри пасишта.

Масаи се препознатливи по својата облека – шарени наметки кои се нарекуваат „shuka“, најчесто во црвена боја. Носат многу накит, особено жените, а мажите често имаат стап и традиционални сандали од гума.

Токму тие наметки од црвена боја им служат како одбрана од дивите животни. Имено, како што во овој национален резерват дивите животни шетаат слободно, а „Masai Mara“ е дом и за „големите пет“ („Big five“) диви животни кои привлекуваат посебно внимание за сафари: лав, леопард, слон, носорог и бивол, членовите на племето се препуштени сами на себе. Како што велат, имаат копја, ножеви и метални шипки со кои се бранат од животните, но немаат оружје.


Во тоа им помага и црвената боја – дивите животни не ја сакаат и бегаат кога ја гледаат, а како што велат, тие се дури и пријателски настроени кон нив бидејќи племето не ги убива.

Она што е особено интересно е дека добро зборуваат англиски јазик, кој го учат во училиштето во селото. Немаат многу можности да сретнат други луѓе, особено од други континенти. Како што велат, месечно имаат една до три посети, кога имаат можност да им продадат на туристите нешто од накитот и сувенирите кои ги прават жените.

Масаи воините не смеат да се женат пред 22. година, а жената им ја избираат родителите. И тука постои некој вид мираз – повеќе се цени жена со која доаѓа што поголем број крави.


Туристите ги пречекуваат со традиционален танц, додека жените на пазарот нудат разни производи кои сами ги направиле. Така може да се најдат дрвени резби, накит од глина и перли, ќебиња и нивна облека.

И додека туристите доаѓаат и заминуваат, фасцинирани од боите на масаиската облека и мелодијата на нивните песни, секојдневието на овој народ останува вкоренето во вековните навики, но отворено кон иднината. Масаи не се само чувари на африканските савани – тие се сведоци на силата на традицијата во светот кој не престанува да се менува.