Пред дваесет години, „Bugatti Veyron“ постави нови стандарди во светот на суперспортските автомобили, претставувајќи моќ за која, дотогаш, кај сериските модели можеше само да се сонува. Денес, во ерата на електричните возила, сме сведоци на нова „трка по коњски сили“ во која доминираат имиња како „Rimac Nevera R“ (2107 КС) и „Lotus Evija“ (1972 КС).
Но, изгледа дека за кинескиот „BYD“ ниту 2.000 коњи не се доволни – компанијата се подготвува да лансира хиперавтомобил со неверојатни 2977 коњски сили. Станува збор за моделот „YangWang U9“ во изведба „Track Edition“, чија појава беше откриена на фотографии од кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија („MIIT“) и кој директно ја предизвикува европската конкуренција, пренесува „Carscoops“.
Моќ која му пркоси на разумот
„YangWang U9 Track Edition“ ќе биде придвижуван од четири електромотори, секој со моќност од 744 КС (555 kW). Во комбинација, тие развиваат вкупно 2976 коњски сили, односно 2200 kW (3019 PS) – бројка која звучи речиси неверојатно за сериски автомобил, особено за оној кој е легален за возење на јавни патишта.
Сепак, од „BYD“ сè уште нема официјална потврда дали сите четири мотори ќе можат да работат со целосна моќ истовремено или електрониката ќе ја ограничи силата за полесно управување со возилото.
Суптилни, но клучни измени
„U9 Track Edition“ ја задржува поголемата визуелна слика од стандардниот модел, но носи неколку важни подобрувања. Промените започнуваат од предниот дел, каде што е вграден нов, поизразен преден „spliter“ за да се зголеми аеродинамичкиот притисок врз предните тркала.
Возилото добива и лесен покрив од карбонски влакна, како и нови 20-инчни бандажи со гуми со ширина од 325 милиметри – и напред и назад. Задниот дел е речиси непроменет, но сè уште го краси големо крило во стил „лебедова врата“ и масивен дифузер.
Побрз од официјалните податоци?
Според документите на кинеското министерство, максималната брзина на „U9 Track Edition“ е наведена како 350 km/h. Сепак, вистинската бројка веројатно е значително повисока. За потсетување, стандардниот модел со „само“ 1287 коњски сили веќе е тестиран на 391,91 km/h – што навестува дека „Track Edition“ е способен за уште поимпресивни перформанси.