Германија го запира извозот на оружје во Израел

Макфакс

08/08/2025

19:48

328

Големина на фонт

а а а

Германскиот канцелар Фридрих Мерц објави дека неговата влада ќе го запре целиот извоз на оружје и воена опрема во Израел што може да се користи во Појасот Газа, како одговор на планот на Израел да го заземе градот Газа и следствено целата енклава.

„Германија нема да одобри извоз на воена опрема во Израел до понатамошно известување доколку постои можност таа да се користи во Газа“, рече Мерц во изјава дадена неколку моменти по објавувањето на израелските планови.

Тој нагласи дека е „сè потешко да се разбере“ како воената стратегија на Израел може да придонесе за постигнување на легитимни цели.

„Во овие околности, германската влада нема да одобри извоз на воена опрема што може да се користи во Појасот Газа“, додаде канцеларот.

Германија традиционално е еден од најголемите извозници на оружје во Израел и еден од неговите најблиски сојузници. Според Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI), САД биле најголемиот снабдувач на воена опрема за Израел од 2020 до 2024 година, додека Германија била втора на листата.

Сепак, и покрај поддршката, во последните месеци новиот канцелар Мерц дава сè порезервирани изјави во светлината на катастрофалната ситуација во Газа предизвикана од Израел, па затоа оваа одлука не е толку неочекувана.