Каде се сега СДС да го нападнат главниот обвинител Коцевски или да прашаат за некоја истрага, праша Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со месеци СДС лицемерно глумеа различни страни со главниот обвинител Коцевски, се додека не дојде на ред неговата фотеља, па мораа да запрат со глумата и да го спасат, за тој да продолжи да ги штити нив. Додека СДС лажно го напаѓаа главниот обвинител Коцевски, сакајќи да направат привид дека тој работи по закон, тој им ги штитеше функционерите кои беа потонати до гуша во криминал. Повеќе од година дена главниот обвинител Коцевски релативизираше за СДС и нивните функционери“, рече тој.
Според Петрушевски, ниту еден човек функционер до Заев или Филипче не завршил во затвор, за сите или има спогодби или обвинителството прогледува низ десет прсти кога ги пишува обвиненијата.
„И сега кога се демаскирани, молчи СДС, молчи главниот обвинител Коцевски, ги нема збор да изустат, но важно им е дека се си тече, Коцевски ќе си седи уште некое време во фотеља, а луѓето на Заев и Филипче ќе останат да бидат заштитени. Овој однос на СДС го урива правниот систем и за тоа се директно одговорни. Казната за ваквото држење во заробеништво на правдата ќе дојде на избори. Народот памти и не заборава“, рече Петрушевски.