Поради сомнежи за финансиски злоупотреби и низа неправилности во Стоматолошката комора, Министерството за здравство ги презема нејзините надлежности, изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
„Вчера донесов одлука заснована на факти, на закон и на обврската да ја заштитам довербата во здравствениот систем. Надзорите и документите покажаа сериозни пропусти: едукации преку нерегистрирани здруженија и сертификати кои неправилно се користеле за продолжување лиценци; договори склучувани ретроактивно, спротивно на законот; одлуки и документи без потпис и со невалидна документација; игнорирање на привремената мерка и конечната одлука на Уставниот суд повеќе од една година, иако судот утврдил дека условите за стручно усовршување биле спротивни на закон“, рече Алиу.
Тој додаде дека, исто така, има сериозни сомнежи за финансиски злоупотреби на Комората, за кои финансиската полиција истражува и има прибавено обемна документација.
„На Комората ѝ беше дадена можност да ги отстрани недостатоците. Но, не го стори тоа. Затоа, имајќи ја предвид одредбата од член 261, став 1, алинеја 4 од Законот за здравствената заштита, а врз основа на препораките на стручната комисија, донесов одлука, за времено одземање на јавното овластување на Стоматолошката комора. Од денес, Министерството за здравство ги презема надлежностите за лиценцирање, сè додека не воспоставиме систем кој ќе работи законито, транспарентно и професионално“, рече Алиу.
Тој кажа дека овој чекор не е казна туку дека е почеток на реформа што ќе врати доверба, ќе обезбеди интегритет и ќе гарантира дека секој стоматолог ја продолжува лиценцата со знаења и вештини усогласени со најновите светски стандарди.