[ВИДЕО] „Точка“ ексклузивно од сетот на „Збогум, Копакабано“: Најновиот филм на Милчо Манчевски – емотивна приказна за семејството, болката и надежта во современото општество

Точка

01/08/2025

19:47

1.551

Големина на фонт

а а а

По речиси тригодишна забрана за реализација на овој проект, најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски се враќа зад камерата. На градските гробишта Бутел, каде сè се чини тивко, се одвиваше последната сцена од неговиот нов филм – „Збогум, Копакабано“, приказна која на површина носи болка, но под неа тлее нежност, човечност и сурова искреност. „Точка“ ја имаше ексклузивата да присуствува на овој сет.

Поранешниот работен наслов „Биста“ е заменет со енигматичното „Збогум, Копакабано“, наслов што остава простор за интерпретација, но и носи емоционална тежина.


Станува збор за филм што преку сестринската љубов допира и до општествени теми – самотија, сиромаштија, корупција, ментални болести, и систем што опстојува врз привилегии. Во карактеристичен Манчевски стил, темите не се експлицитно изнесени, туку тивко пулсираат под површината на личните приказни.

Комплексни карактери водени од искрени перформанси

Еден од нив е Виктор, младо момче со интелектуална попреченост, кое го игра Филип Трајковиќ. За да го долови ликот со почит и автентичност, Трајковиќ минал неколку недели во дружба со членови на здружението „Порака“, разговарал со психолози, психијатри и други стручњаци. Но она што го добил од искуството оди подалеку од актерска подготовка.

„Најпрво си го најдов човекот што стои зад Виктор“, вели тој. „Потоа почнав да го градам ликот. Ова искуство ме научи дека сме заборавиле да се радуваме – на најмалите нешта, на секојдневието. Можеме да бидеме среќни секогаш, само ако не заборавиме да гледаме.“

Наспроти него, Сара Климоска ја игра Малина – лик со емотивна сложеност и неочекувана доза на хумор. За Климоска, токму балансирањето помеѓу драмата и комиката било најголемиот актерски предизвик.

„Ова беше лик со широк емотивен дијапазон, но и со елемент на хумор кој бараше многу суптилност“, објаснува таа. „Со целата екипа работевме три и пол недели интензивни проби, истражувајќи и барајќи ја суштината на секој лик.“

Нивната хемија, на која се потпира централната наративна линија, се чувствува и на сетот и надвор од него.

„Можеби еден од најдрагоцените партнерски односи што сум ги имала е токму со Филип“, додава Климоска. „Кога имаш партнер на кој му веруваш и пред и зад камера, тогаш и најтешките сцени стануваат лесни.“

Во една од клучните сцени, се појавува и Соња Михајлова, доајенката на Битолскиот театар. Нејзината улога носи тежина: мајка која го испраќа својот син на последниот пат. Иако сцената е исполнета со тага, Соња истакнува дека на сетот веднаш почувствувала топлина и силна колегијална енергија.


„Ова е мој прв ден на снимање, и моја прва дружба со колегите – со Сара и со Филип“, вели Михајлова. „И покрај тажната сцена, се радувам на натамошната работа, затоа што чувствувам дека ликот на Тодора сè уште не започнал да живее.“

Нов проект, стара посветеност

Јане Ќортошев, кој веќе трет пат соработува со Манчевски, вели дека процесот останува ист – фокусиран, искрен и уметнички дисциплиниран.

„Не би рекол дека нешто се менува со Милчо – секогаш е нов проект, нова приказна, но посветеноста е иста. Секогаш го буткаме заедно, онака како што го замислил.“

Продукциската екипа е составена од филмски професионалци од Македонија, Србија, Бугарија, Англија и Италија. Како и досега, присутен е Дејвид Манс, долгогодишниот соработник на Манчевски, а за првпат на сетот работи и италијанскиот директор на фотографија Стефано Фаливане.

„Овој пат, екипата функционираше особено добро“, вели Ќортошев. „Си кликнавме одлично – и тоа секогаш се чувствува на филм.“

Снимање низ објектив од 600 мм

На визуелен план, филмот се одликува со употреба на телефото објектив од 600 мм, што овозможува кадри со длабочина и изолирана емоција. Тоа е алатка која одлично се вклопува во естетиката на Манчевски – каде сликата не само што раскажува, туку и чувствува.

Премиерата сè уште не е најавена, но очекувањата се високи

Снимањето е во завршна фаза. „Збогум, Копакабано“ ветува уште еден филм што не нè остава рамнодушни, поставен во реалноста што сите ја живееме, но ретко кога навистина ја гледаме.

Новинар: Симона Коцевска
Видео: Ненад Смиљковиќ