Сè повеќе песни се создаваат со помош на вештачка интелигенција. Откријте како да препознаете „AI“-музика преку текстовите, алатките за анализа и дигиталните траги на изведувачите.
Измислениот бенд „Velvet Sundown“ предизвика расправи не поради музичкиот стил, туку поради своето потекло. Без ниту еден човечки член, овој бенд создава песни, текстови и омоти на албуми исклучиво со помош на вештачка интелигенција. Тој е целосно синтетички и сосема достапен за јавноста. Како што се шират „AI“-алатките како „Suno“ и „Udio“, расте и прашањето: можеме ли воопшто да ја препознаеме разликата и дали авторите треба да бидат искрени кон публиката?
Зошто е важно да се провери позадината на авторот?
Најочигледните траги за потеклото на една песна доаѓаат од надворешни фактори, изјави за агенцијата „AP“ Мануел Мусалам, раководител на истражување и развој во стриминг-платформата „Deezer“. Вистинските изведувачи често имаат активни социјални мрежи, закажани концерти и достапни видео-снимки. Ако бендот нема историја, настапи или поврзаност со издавачка куќа, можеби воопшто не е вистински.
Пребарувањето на платформите „Suno“ или „Udio“ може да помогне, но бара корисничка сметка. Дури и тогаш, без името на песната или корисничкото име на авторот, пронаоѓањето на совпаѓање може да биде тешко.
Пристап кон проблемот со вештачката музика
За да се спречат измами на стримингот, „Deezer“ воведе ознаки за песни генерирани од „AI“. Албумите со такви песни сега прикажуваат известување „AI-generated content“. Детекцијата се врши со помош на сопствена технологија што препознава обрасци карактеристични за музика создадена со вештачка интелигенција. Иако компанијата не откри колку песни се означени, наведува дека дури 18% од дневно поставениот содржина може да биде создадена со „AI“-алатки.
„IRCAM Amplify“, подружница на францускиот институт за музички истражувања „IRCAM“, нуди алатка за детекција на „AI“-музика. „AP“ пишува дека оваа алатка точно ги препознала „AI“-песните поставени во неа како дело на генераторот „Suno“, со веројатност меѓу 81,8% и 98%. Старите „MP3“-датотеки, меѓутоа, добиле ниски „AI“-оценки.
Сепак, оваа алатка не поддржува анализа на стриминг-врски, а и самата предупредува дека „AI“-детекторот може да погреши. Се препорачува проверка на резултатите.
Други веб-страници дозволуваат поставување датотеки или вметнување на врски од „Spotify“, но многу од нив дале неуверливи или неточни резултати, означувајќи „AI“-песни како човечки и обратно.
Текстовите можат да ја откријат трагата
„AI“ често создава слаби рими и повторувачки структури. Лукас Рамс, кој го користи „Suno“ за својот бенд „Sleeping with Wolves“, забележал одредени обрасци што „AI“-алатките ги користат при генерирање текстови.
„Обожава да го стави ’neon‘ во сè“, вели Рамс за „AP“. Додава дека зборови како „neon“, „сенки“ или „шепотење“ се сигурен знак дека песната е вештачки создадена.
Општо земено, може да биде тешко да се препознае дали една песна е создадена со „AI“ само со слушање. Тоа станува сè потешко како што технологијата напредува, заклучува Мусалам.