Тајсон за најстрашниот борец некогаш: Полицијата му велела дека не може да дојде во градот

Точка

01/08/2025

21:45

1.918

Големина на фонт

а а а

Мајк Тајсон, еден од најстрашните и најдоминантните боксери во историјата, откри кој според него бил уште поопасен од него. Гостувајќи во емисијата „The Big Podcast with Shaq“, „Iron Mike“ изјави дека Сони Листон бил „најстрашниот борец што некогаш живеел“.

„Сони Листон доаѓал во град, на пример од Сент Луис во Чикаго, и полицијата му велела: ’Слушај, не можеш да дојдеш.‘ Тој нокаутирал четворица полицајци, им ги скршил вилиците, им го земал пиштолот, го удирале со палки по главата … Нема борец како што беше Сони Листон. Сони Листон беше чудовиште“, рече Тајсон, што можете да го слушнете во приложеното видео од 35:50 минута.

Листон имал 50 победи и четири порази

Тајсон самиот влезе во историјата како најмладиот шампион во тешка категорија кога во 1986 година, со само 20 години, го победи Тревор Бербик за појасот на „WBC“, а потоа стана апсолутен шампион освојувајќи ги титулите на „WBA“ и „IBF“. И покрај тоа, тој тврди дека Листон, кој ја држел светската титула од 1962 до 1964 година, бил застрашувачка личност.

Листон во кариерата забележал 50 победи, од кои 39 со нокаут, а претрпел само четири порази. Освен во рингот, бил познат и по турбулентниот живот надвор од него, вклучувајќи врски со мафијата, бројни судири со законот и мистериозната смрт кон крајот на 1970 година, која и повеќе од половина век подоцна не е целосно разјаснета.

Мистериозната смрт на Сони Листон

Листон е еден од најконтроверзните боксери во историјата. Пронајден е мртов на 5 јануари 1971 година во својот дом во Лас Вегас. Неговото тело го открила сопругата Џералдин по враќањето од патување, откако од спалната соба почувствувала силен непријатен мирис.

Кога влегла во собата, го затекнала како седи потпрено на креветот, со скршена клупа за нозе на подот. Полицијата подоцна претпоставила дека Листон во тој момент се пресоблекувал за спиење и паднал наназад, притоа кршејќи ја клупата. Џералдин прво ги контактирала неговиот адвокат и лекар, а полицијата ја известила дури два до три часа подоцна.

Полициската истрага не пронашла траги на насилство и официјално како причина за смртта е наведено предозирање со хероин. „Беше општопознато дека Сони беше зависник од хероин“, изјави наредникот Капуто од полицијата, додавајќи дека тоа го знаеле сите во станицата.

На опосмртницата на Листон како датум на смрт е запишан 30 декември 1970 година, а полицијата го проценила врз основа на бројот на шишиња млеко и весници пред влезната врата. Сепак, случајот никогаш не бил целосно разјаснет. Во неговото тело биле пронајдени траги од метаболити на хероин, но не во количина доволна за да биде смртоносна.

Службената причина за смрт била срцев застој и конгестија на белите дробови.

Листон и порано имал здравствени проблеми: боледувал од срцеви и белодробни заболувања и во декември бил хоспитализиран поради болки во градите. Погребан е на гробиштата „Paradise Memorial Gardens“ во Лас Вегас, а на неговата надгробна плоча стои натпис: „A Man“.