Вана Бојовиќ, светската патничка од Загреб која досега посетила над 147 земји, редовно ги споделува впечатоците и интересните детали од своите патувања на социјалните мрежи.
Во мај годинава таа отпатувала во Бутан, мало, изолирано кралство во јужна Азија, сместено меѓу Индија и Кина. Таму, како што вели, ја открила една од најнеобичните и најавтентични земји на светот.
Влезот се наплаќа, а напредокот се мери во среќа
„Бутан го наплаќа влезот во земјата и тоа 100 евра од ден од човек“, открива Вана, додавајќи дека оваа такса е дел од државната политика за чување на културниот идентитет, природа и духовното наследство.
Како што наведува таа, на тој начин се спречува масовниот туризам и се задржува она што го прави Бутан посебен.
За разлика од поголемиот дел од земјите кои успехот го мерат со бруто домашен производ, Бутан се води од целосно друг концепт – бруто национална среќа.
„Добредојдовте во земјата во која среќата е закон, а напредокот не се гледа низ бројки туку низ благосостојбата на народот и квалитетот на живот“, пишува Вана во објавата, додавајќи дека оваа филозофија е темел на државната политика.
Земја без семафори и со еден од најопасните, но и најубавите аеродроми
Меѓу необичните факти кои ги открила, го издвоила и тоа што во Бутан не постои ниту еден семафор, сообраќајот се регулира со полицајци на крстосниците. Освен тоа, во оваа земја се наоѓа и еден од најубавите и најопасни аеродроми на светот.
„Аеродромот изгледа како од бајките, а воедно е и еден од најопасните поради својата положба меѓу планините“, истакнала Вана.
Традицијата се чува со закони
Бутан ја чува својата традиција и низ архитектурата и облеката. Националната носија се носи секојдневно, а законски е задолжителна и во училиштата, институциите и при свечени настани.
„И мене веднаш ми најдоа традиционална облека, неверојатно е колку ги почитуваат своите обичаи“, раскажува Вана.
Според законот во Бутан сите градби, па дури и аеродромите мора да изгледаат традиционално.
„Сѐ изгледа складно и автентично, како целата земја да е дел од една иста приказна“, наведува таа.
Туризам на висок квалитет, а ниско влијание
Над 70 отсто од територијата на Бутан е покриена со шуми, а природните богатства се под посебна заштита. За да ја зачуваат оваа рамнотежа, државата плаќа такса за престој која до минатата година изнесувала 200 евра од ден, додека пак сега е преполовена на 100 евра.
„Тие не сакаат несериозни туристи ниту премногу посетители. Нивната цел е туризам со висока вредност, а ниско влијание, да доаѓаат луѓе кои ја почитуваат природата и културата, кои се љубопитни и добронамерни“, заклучила Вана.
Следбениците воодушевени: „Ова е рај којшто знаат да го зачуваат“
Патувањето на Вана го следат над 60.000 луѓе на ТикТок и скоро 80.000 луѓе на Инстаграм. Нејзините видеа од Бутан предизвикале бројни реакции, од воодушевување до филозофски размислувања.
„Чувајте ја својата земја од пороците кои владеат со светот“, „И треба да се наплаќа. Поголем дел од туристите не знаат да се однесуваат ниту дома, а не па во ваков бисер“, „Можеби е скапо, но делува како место од соништата“, коментирале нејзините следбеници.
Едно е сигурно – Вана со својата приказна покажала дека Бутан не е само земја туку и филозофија на животот.