Преживеал 4 војни, 6 тешки болести, 2 авионски несреќи – но не и тагата: Големиот писател и половина од неговото семејство биле уништени од злата судбина

Точка

25/07/2025

15:39

1.956

Големина на фонт

а а а

Писателот и новинар Ернест Хемингвеј, многупати се соочувал со смртта. Учествувал во војна, преживеал две авионски несреќи за два дена, имал фрактура на черепот, скршен пршлен, извадени бубрег, црн дроб и слезина, а боледувал и од рак на кожа, хепатитис, маларија и пневмонија. Сепак, овој нобеловец и добитник на Пулицеровата награда си го одзел животот на 62 години

Опишувајќи ја неговата концизна, но живописна проза, списанието „Тајм“ во 1961 година запиша: „Сè кај Хемингвеј изгледа онака како што би го видел човек оној ден кога знае дека ќе умре“. И навистина, смртта го следела каде и да одел.

Сè започнало за време на Првата светска војна, кога служел на италијанскиот фронт како возач на брза помош во Црвениот крст. При еден напад на 8 јули 1918, бил. како што опишал, „толку ранет што почувствував како животот ми излегува од телото како свилена марама што се влече од џеб“, но преживеал. Наскоро се појавил во штабот со 237 парчиња шрапнел во телото, кои сам ги избројал, и со алуминиумско колено.


Деценија подоцна започнала неговата лична трагедија. Таткото на Ернест, Кларенс Хемингвеј, инаку по професија лекар, на 6 декември 1928 година, на 58 години, се самоубил пукајќи си во главата. Кларенс страдал од депресија и дијабетес, како и многу членови на семејството Хемингвеј. Иронично, Ернест тогаш го довршувал својот полуавтобиографски роман „Збогум на оружјето“. Смртта на таткото го прогонувала цел живот. Од тогаш натаму, дел од тагата и збунетоста ги топел во алкохол. Признал на пријател дека се чувствува како целиот свет да му се урнал.

„Мојот татко беше кукавица, си пукаше без причина“, напишал Ернест во 1948 година, убеден дека мајка му, Грејс Хол, го турнала татко му во смрт.

Неговата омраза кон мајка му најверојатно започнала уште во детството, кога го облекувала во фустанчиња за да личи на постарата сестра Марселин. Односот со мајка му се влошил кога таа почнала да го критикува поради изборот на кариера. Грејс пред пријателите ја нарекувал „таа кучка“. Мнозина сметаат дека токму тој однос е коренот на неговиот проблематичен однос со жените.

Телото на таткото го пронашол Лестер, помладиот брат на Ернест, кој тогаш имал само 13 години. И тој подоцна станал писател, но неговите дела останале во сенка на славниот автор на „Старецот и морето“. Напишал и биографија насловена „Мојот брат, Ернест Хемингвеј“. Лестер бил пронајден мртов во својот дом во Мајами во 1982 година. Се самоубил со пиштол што го позајмил од пријател. И тој со години се борел со депресија и дијабетес, а кога лекарите му рекле дека мора да му ги ампутираат двете нозе, решил сам да си го одземе животот. Имал 67 години.


Покрај Лестер, Ернест имал и сестри: Марселин, Урсула, Медлин и Керол. Урсула Хемингвеј Џепсон со години боледувала од рак и била трипати оперирана. Во 1996 година, на 65 години, се самоубила со предозирање со силни лекови против болка.

Хемингвеј бил во четири брака и имал тројца синови. Со Полин Фајфер го добил синот Грегори, кој се откажал од студии и се иселил од семејниот дом во Канзас. Иако сакал да стане лекар, Грег се обидувал да се пронајде во различни професии, но станал зависник од алкохол и дроги. Поради зависноста еднаш бил и уапсен. Кога Ернест дознал за тоа, ја повикал Полин (веќе бивша сопруга) и ѝ извикал во слушалка. Не знаел дека таа боледувала од редок тумор и морала строго да избегнува стрес. Полин починала неколку часа по разговорот. Ернест го обвинил Грегори за нејзината смрт, поради што Грег долги години го избегнувал татка си.

Грегори починал во 2001 година на 70 години, откако бил уапсен бидејќи седел гол покрај патот, во розови штикли и со фустан в рака. Подоцна се дознало дека последните години живеел како Глорија и направил операција за промена на пол. Пет дена поминал во затвор, а шестиот не го дочекал бидејќи не ги земал лековите за манијачна депресија и висок притисок. Имал седум деца од четири различни жени. Напишал мемоари „Папа: Личен мемоар“, каде го опишува односот со татка му, на кого сакал да му биде гордост.


Синот Џон, од првата сопруга Хедли Ричардсон, исто така имал проблеми со алкохолот. Како и татко му, сакал природа и книжевност. Напишал мемоари „Несреќи на рибар со мушица: Мојот живот со и без Папа“. Џон имал три ќерки: Џоан, Марго и Мариел.

Внуката Марго Хемингвеј станала еден од најбараните супермодели во седумдесеттите години на минатиот век. Но, уште од тинејџерските години била склона кон самодеструкција и романтизирање на самоубиството. И таа страдала од депресија и била пронајдена мртва во својот стан во Калифорнија. Аутопсијата покажала предозирање со лекови за епилепсија. Имала 42 години.


Нејзината сестра Мариел со 16 години добила улога во филмот „Менхетн“ на Вуди Ален, и веднаш ги освоила симпатиите и добила номинација за Оскар.

„Моето семејство низ генерации го следат самоубиства, алкохолизам, депресија и болести. Цел живот учам како да се носам со тоа и се обидувам да го прекинам проклетството“, рекла актерката, која и самата се борела со депресија.


Во своите книги открила дека нејзиниот татко Џон сексуално ги злоставувал сестрите Марго и Џоан кога биле мали. Кај Џоан подоцна била дијагностицирана шизофренија. Мариел верувала дека нејзиниот дедо Ернест имал биполарно растројство. Самиот Ернест Хемингвеј си пукаше во главата со ловечка пушка во предворјето на својот дом на 2 јули 1961 година. Иако сопругата Мери Велш прво изјавила дека станува збор за несреќа, подоцна признала дека се работело за самоубиство, кое тој веќе претходно го имал обидено.