Во вторник вечерта, група мажи киднапирале маж на железничка станица во Москва и го ставиле во багажникот на црн Мерцедес.
Киднапираниот маж подоцна бил идентификуван како Арег Шчепихин (39), технолошки претприемач. Во неговите објави на социјалните мрежи Шчепихин често објавувал критички коментари за Чеченците и исламот, пренесе „Москва Тајмс“.
Снимките направени од минувачи прикажуваат неколку брадести мажи облечени во црно како го влечат мажот кон автомобил додека тој викал „помош“, „немојте да го правите тоа“ и „полиција“. Некои корисници во коментарите сугерираа дека киднаперите биле од Чеченија, судејќи според нивниот акцент.
Еден ипол час по киднапирањето, полицијата го запрела возилото, но Шчепихин повеќе не бил внатре. Според некои извештаи, киднаперите се претставиле на полицијата како „активни членови на Националната гарда кои спроведувале оперативна акција“.
Киднаперите биле приведени, а се прошири и снимка на која може да се види како ја напуштаат полициската станица еден ден подоцна, a еден од нив го изговорил чеченскиот воен извик „Ахмат Сила“.
„Не бил киднапиран, туку приведен“
Ахмед Дудаев, министерот за информирање и национална политика на Чеченија, денеска изјави дека Шчепихин „не бил киднапиран, туку приведен од страна на полициските службеници кои соработуваат со властите во Москва“.
Тој истакна дека објавите на Шчепихин на Инстаграм може да претставуваат неколку кривични дела, вклучително и навреда на чувствата на верниците и оправдување на нацизмот.
Дудаев ги обвини медиумите дека намерно погрешно го претставуваат Шчепихин како жртва и го бранеше неговото киднапирање повикувајќи се на целосната инвазија на Украина од страна на Русија.
„Во земја која спроведува специјална воена операција против нацизмот, оправдувањето и одбраната на нацизмот е двојно злосторство“, напиша Дудаев на Телеграм.
На најновата снимка, Шчепихин, со модринки на лицето, објаснува дека Чеченците не го „измачувале сериозно“, туку дека се обиделе да ги дознаат адресите на неговите роднини.