„Подгответе се за голем напад“: Американската амбасада во Киев издаде итно соопштение

Макфакс

05/06/2025

13:43

4.359

Големина на фонт

а а а

Американската амбасада во Киев издаде предупредување за растечкиот ризик од големи руски напади врз Украина.

Објавата на амбасадата на нејзината веб-страница следеше кратко откако Доналд Трамп и Владимир Путин, претседателите на САД и Русија, разговараа по телефон синоќа.

Путин му кажа на Трамп дека Кремљ ќе мора да одговори на украинската операција „Пајажина“, во која руски стратешки бомбардери беа цел во неделата.

– Русија го зголеми интензитетот на ракетните и беспилотните летала напади врз Украина во последните недели и во моментов постои континуиран ризик од значителни воздушни напади. Амбасадата на САД во Киев ги повикува американските граѓани да бидат претпазливи. Како и секогаш, препорачуваме да бидат подготвени веднаш да се засолнат во случај да се издаде предупредување за воздушен напад – се наведува во соопштението на амбасадата.


Последното слично предупредување беше издадено од амбасадата на САД на 9 мај, наведувајќи тогаш дека постои ризик од големи воздушни напади „во текот на следните неколку дена“.

Околу две недели подоцна, Русија ја започна својата најголема серија воздушни напади против Украина, која започна на 25 мај, целејќи го Киев и други области на земјата, при што загинаа повеќе од 15 лица, а десетици беа ранети.

По синоќешниот разговор со Путин, Трамп напиша дека „разговарале за украинскиот напад врз руските авиони на терен, како и за разни други напади извршени од двете страни“.

– Беше тоа добар разговор, но не разговор што ќе доведе до моментален мир – рече Трамп.