Транспортниот сектор во Македонија се соочува со сериозна криза – нема доволно возачи. Буквално. Компаниите ловат кадар „под дрво и под камен“, а ситуацијата станува алармантна откако сè повеќе сопственици на камиони одбиваат да вработуваат странски работници, стравувајќи дека тие ќе ја искористат земјата како транзитна станица за бегство кон Европската Унија.
Овој феномен не е нов, но во последната година доби драматични размери. Бројот на слободни места за професионални возачи расте, а бројот на заинтересирани – опаѓа.
Македонците се иселуваат, а странците не се доволно „сигурни“. Проблемот станува уште поголем ако се земе предвид европското правило за ограничен престој – 90 дена во рамки на секои 180. Тоа значи дека за нормално функционирање на работата во кругот на една година, една компанија ќе треба да ротира најмалку тројца возачи на една позиција.
„Ако ги вработиме странците, знаеме што следува – за месец, два, ќе ги снема. Неколку пати ни се случи луѓе од Азија или од Африка да исчезнат за време на патот, особено кога се на западна рута. Го користат камионот како средство за доближување до границите на ЕУ, а потоа исчезнуваат“, раскажува сопственик на транспортна компанија од Штип, кој сакаше да остане анонимен.
Државата нуди работни дозволи за странци, но тоа не е доволно. И самите работници знаат дека оваа професија е само чекор кон Европа, па не се задржуваат долго.
Од друга страна, младите во Македонија не сакаат да бидат возачи. Работата е напорна, ризична и бара подолги периоди одвоеност од семејството.
„Платите се солидни, почнуваат од 1.000 евра и одат нагоре, но тоа не е доволно мотивација кога знаете дека ќе бидете по 10 дена на пат, а дома ќе доаѓате само за викенд. Новите генерации не сакаат таков живот“, вели Дарко Секулов, искусен возач од Битола.
Според пресметките на транспортните здруженија, ако ЕУ не ја укине или не ја ревидира забраната за постојан престој на работниците од трети земји, на Македонија ќе ѝ недостигаат околу 12.000 возачи годишно само за меѓународниот транспорт. Тоа е бројка што не може да се компензира со тековниот капацитет на домашни лиценцирани кадри.
Остатокот од текстот можете да го прочитате ТУКА.