„Таа ја практикува стратегијата раздели па владеј, нема почит спрема никој“: Поранешниот соработник на Урсула фон дер Лајен напиша книга - Ги откри сите валкани тајни

Точка

04/06/2025

20:56

2.550

Големина на фонт

а а а

Поранешниот главен преговарач на Европската Унија за Брегзит, Мишел Барние, ја обвини претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за зголемување на тенденциите кон авторитарен начин на управување.

Во својата нова автобиографска книга, која излегува денес и ја опишува неговата работа во Брисел, како и краткото искуство како премиер на Франција, 74-годишниот Барние пишува дека „тој авторитарен пристап доби на интензитет во последните шест години, со Урсула фон дер Лајен, која сака сè да држи под своја контрола“.


Во интервју за бриселскиот „Политико“ пред објавувањето на книгата, Барние рече дека под нејзино водство комесарите сè повеќе се однесувале како „супертехнократи“, а не како политичари. „Премалку се слуша. Европската комисија не ги слуша граѓаните“, нагласи тој.

Урсула фон дер Лајен долго време се соочува со критики дека ги игнорира неистомислениците, ги фаворизира лојалистите, управува преку тесен круг соработници и користи стратегија „раздели па владеј“ за да ја одржи моќта, иако раководи со институција составена од претставници на сите 27 членки на ЕУ.

Проблемите се појавиле уште за време на Брегзит

Барние е особено критичен кон прекумерната регулација и бавниот напредок во поврзувањето на пазарите на капитал во рамките на ЕУ, што ги смета за големи неуспеси на Европската комисија под нејзино водство. Сепак, тој призна дека Фон дер Лајен успешно се справила со големи кризи, како што се Ковид-19 пандемијата и руската инвазија во Украина.


Иако и двајцата припаѓаат на истата политичка група – Европската народна партија – односите меѓу нив се затегнати уште од завршните преговори за Брегзит. Имено Барние рече дека Фон дер Лајен целосно го исклучила од последната фаза од договорот со тогашниот британски премиер Борис Џонсон во 2020 година.

„Мислев дека е нормално, по сè што направив, да бидам со неа во тие последни моменти. Но, тоа не се случи“, истакна тој.

Портпаролот на Европската комисија одби да ги коментира изјавите на Мишел Барние.

„Нема почит, не ги разбира меѓучовечките односи“

Книгата, насловена како „Што научив од вас“, главно ја следи неговата долга политичка кариера во Брисел и Париз, и само накратко се спомнува неговата тричасовна авантура на чело на француската влада минатата година – најкраткиот премиерски мандат во модерната француска историја.


Објавувањето на книгата дополнително ги разгоре шпекулациите во француските медиуми дека Барние би можел да се кандидира за претседател во 2027 година, иако засега се смета за аутсајдер.

Во ЕУ, тој е најпознат по водењето на преговорите за излез на Велика Британија од ЕУ и по реченицата што често им ја упатуваше на Британците: „Часовникот отчукува“. Во книгата, тој наведува дека, како што се приближувал крајот на преговорите, Фон дер Лајен била подготвена да ги жртвува интересите на европските рибари заради постигнување трговски договор со Лондон. Според неговите зборови, риболовот станал „споредна, дури и занемарлива тема“ за неа.


Барние додаде дека морал да го замоли францускиот претседател Емануел Макрон да се закани со вето на договорот доколку Фон дер Лајен не обезбедила задоволително решение за француските рибари.

Исто така, тој напишал дека Урсула дури и не го споменала неговото заминување од Комисијата во 2021 година. „Очигледно, не го делиме истото сфаќање за меѓучовечките односи и професионалното почитување“, заклучи тој.


Сепак, Барние го поздрави новиот договор меѓу ЕУ и Велика Британија, постигнат минатиот месец, кој го олеснува увозот на британска храна и го продолжува договорот за пристап на европските бродови до британските води.


„Тоа е добра работа, во заеднички интерес. Сè уште треба да ги видиме деталите, но кога станува збор за риболов – договорот е избалансиран и фер“, рече Барние.