Берзите реагираат бурно на расправијата Трамп-Маск, акциите на „Тесла“ паѓаат

Макфакс

06/06/2025

09:41

587

Големина на фонт

а а а

На Вол Стрит, берзанските индекси паднаа, главно поради наглиот пад на цената на акциите на „Тесла“, додека пазарот беше поддржан од веста за разговорот помеѓу американскиот и кинескиот претседател Доналд Трамп и Си Џинпинг. Индексот Дау Џонс падна за 0,25 проценти на 42.319 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,53 проценти на 5.939 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,83 проценти на 19.298 поени.

Акциите на Тесла паднаа за 14 проценти

Цената на акциите на производителот на електрични автомобили „Тесла“ падна за повеќе од 14 проценти, откако јавната расправија помеѓу извршниот директор Илон Маск и Трамп се интензивираше.

Цената на акциите падна во четири од последните пет трговски дена, откако Трамп и Маск ја започнаа својата вербална војна, за време на која „Тесла“ изгуби околу 150 милијарди долари пазарна вредност.

Маск ги засили критиките кон огромниот закон за даночни стимулации на претседателот во последните денови, додека Трамп тврди дека Маск е вознемирен затоа што законот ги елиминира даночните олеснувања за купување електрични возила.

„Последиците за акциите на ‘Тесла’ се очигледни. Но, не гледам никакви значајни последици за остатокот од пазарот, освен мало влијание врз индексите. Генерално, берзата има многу проблеми, но ‘Тесла’ не е еден од нив“, рече Марк Шпигел, менаџер за портфолио во Stanphyl Capital.

Сепак, пазарот беше поддржан од телефонскиот повик меѓу Трамп и Си. Нема дополнителни информации за разговорите, освен дека тие се поканија еден со друг на официјални посети. И тоа беше оценето како позитивно од пазарот, бидејќи неодамнешниот спор околу клучните минерали се закани да го наруши кревкото трговско примирје меѓу двете најголеми економии во светот.