Лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Полска утрово пристигнаа во Киев, каде што му се придружија на украинскиот претседател Володимир Зеленски и имаа телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп. Тема на разговорот беше можноста за постигнување мировен договор со Русија.
Кир Стармер, Емануел Макрон и Фридрих Мерц пристигнаа во Киев со истиот воз, додека полскиот премиер Доналд Туск пристигна одделно. Тие одржаа состанок со Зеленски во центарот на Киев, по што се придружија на заеднички телефонски разговор со Трамп.
„Сите лидери имаа суштински разговор со претседателот на САД, фокусиран на мировните напори“, објави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на социјалната мрежа Икс, заедно со фотографија од петте лидери како седат со мобилен телефон.
Според новинската агенција ПА, разговорот меѓу Зеленски, четворица европски лидери и Доналд Трамп бил непланиран, траел околу 20 минути и бил опишан како „срдечен“ од извор од британската делегација.
Сибиха понатаму изјави дека Украина и нејзините сојузници се подготвени веднаш, почнувајќи од понеделник, да прифатат целосно и безусловно примирје на копно, море и воздух, во траење од најмалку 30 дена. Доколку Русија се согласи и се обезбеди ефикасна контрола на прекинот на огнот, ова би можело да го отвори патот за сериозни мировни преговори, според Киев.