Постекоглу збесна по прашање за Јунајтед: Зошто е ова важно за мене? Прашајте го тренерот…

Дерби

09/05/2025

13:12

367

Големина на фонт

а а а

Тотенхем ја доби и втората пресметка со Бодо Глимт во Лига Европа и сосема заслужено обезбеди финале во второто по ранг клупско натпреварување на УЕФА.

Со вкупно 5-1 клубот од Лондон дојде до билет за битката за трофеј во Билбао, но и тоа како да не беше доволно и еден новинар се обиде да го испровоцира менаџерот Анге Постекоглу кој и така некое време е под голем притисок.

- Јунајтед постојано вели дека ова натпреварување нема да им ја спаси сезоната… Менаџерот го кажа тоа, играчите го кажаа тоа… Дали е поинаку за Тотенхем? Дали тоа би ви ја спасило сезоната? - беше запрашан Постекоглу по што следеше јасен одговор:

- Не ме интересира. Зошто би ме интересирало што мисли Манчестер Јунајтед? Зошто тоа е релевантно за мене? Прашајте го менаџерот на Јунајтед зошто тоа го кажал. Јас, цело време велев дека ова е важно. Вие треба да знаете подобро од мене што би направил еден трофеј за овој клуб. Прашањето само по себе се одговара. Она што се случува во моментов е дека луѓето се плашат дека тоа всушност може да се случи и веќе се обидуваат некако да го урнат или намалат зборувајќи за формата во лигата.

- Можеби ако го имавме успехот на Јунајтед, можеби ќе имав поинаков став. Можев да седам тука на петтата позиција, а коментарот да биде: „тоа е одлично Анге, но клубот треба да освои нешто“ – токму тоа би го рекле сите. Секако дека е огромно, секако дека е. Јунајтед има свое патување по кое ќе продолжи и можеби ако поминат 15 години без да освојат ништо, ќе го променат и својот став за работите, - рече стратегот и додаде:

- Ќе вознемири многу луѓе, нели! Дебатата сега ќе зоврие, најновата е дека ниту еден од нас нема да може да добие трофеј ако победиме, туку само ќе се фотографирараме како тим затоа што не сме достојни. Мислам, кого го интересира ако се мачиме во лигата? Зошто е тоа важно? Ако е толку лесно да се стигне до финалето, тогаш зошто не го направија сите тие што завршија во топ 3? Ова е посебна работа.

- Нема никаква врска со формата во лигата. Разбираме дека нашата форма во лигата не беше одлична. Разбираме какви проблеми имавме. Многу од нив се поради ситуацијата во која се наоѓаме. Но, како тоа го намалува постигнувањето на пласманот во финалето. Како што реков, овој клуб и другите завршиле на првото, второто или третото место во Премиер лигата, а не стигнале до финалето. Зошто тоа треба да се намалува?

- Не ме интересира кој се мачи, а кој не. Мислам дека и ние и Манчестер Јунајтед го заслуживме правото да бидеме таму. Мислам дека веројатно ги победивме тимовите кои ќе бидат во Лигата на шампионите следната година, на нашиот пат кон тоа. Па, со нетрпение го очекувам, треба да биде одличен натпревар, - порача стратегот.