[ВИДЕО] Најтешкиот безрбетник на планетата – Колосалната лигна за прв пат снимена во природно окружување

Точка

16/04/2025

20:19

2.319

Големина на фонт

а а а

Колосална лигна за прв пат била снимена во нејзиното природно окружување, точно 100 години откако за прв пат бил забележан овој редок морски организам, соопштија денеска меѓународните истражувачи.

Снимката била направена во март за време на експедицијата на тим научници од бродот „Фалкор“,во организација на институтот „Schmidt Ocean“ во водите јужно од Сендвичките острови, на длабочина од 600 метри, пренесе „Sky News“.


На снимката е прикажан „млад примерок долг 30 сантиметри“, а експертите веруваат дека возрасните колосални лигни можат да достигнат должина до седум метри и тежина до 500 килограми, што ги прави најтешки безрбетници на планетата – приближно тешки како мал автомобил „Fiat 500“.

Во истражувањето учествувале експерти од Универзитетот во Плимут и британската служба за Антарктик, а подводната снимка била направена со помош на далечински управуваниот робот „SuBastian“.


Досега колосалните лигни претежно ѝ биле познати на науката преку остатоците пронајдени во стомаците на китовите и морските птици, објасни научничката Кет Болстад, која ја потврдила автентичноста на снимката.


Иако сè уште е недоволно проучен, овој тип на лигни е познат и по тоа што возрасните единки го губат проѕирниот изглед што го имаат на помлада возраст, а се препознаваат и по куките кои се наоѓаат во средината на секој од осумте краци.