Д-р Еван Левин, кардиолог со повеќе од 30 години искуство, открил кои пијалаци претставуваат најголема закана за здравјето на срцето.
На неговиот ТикТок профил, каде што споделува совети со доза на хумор, тој истакнал три пијалаци што треба да ги избегнуваме за да го заштитиме нашето срце.
Алкохол
Според Левин, умереното консумирање алкохол, што значи еден пијалак дневно, може да биде безбедно за оние кои немаат проблеми со срцето. Меѓутоа, поголемите количини алкохол го зголемуваат крвниот притисок, нивото на триглицериди и ризикот од атријална фибрилација, а во екстремни случаи предизвикуваат алкохолна кардиомиопатија, сериозна состојба која може да биде фатална.
Watch on TikTok
Левин го отфрла митот дека една чаша црвено вино дневно е добро за срцето, нагласувајќи дека таквите тврдења често се поткрепени со спонзорирани студии. „Луѓето кои пијат вино можеби имаат поздрави навики, но тоа не значи дека алкохолот е причина за нивното подобро здравје“, рекол докторот.
Газирани пијалаци
Газираните пијалаци се вистинска опасност за срцето. „Една лименка содржи десет лажички шеќер или еквивалент во форма на сируп од пченка“, предупредил Левин. Оваа количина на шеќер ја зголемува телесната тежина, нивото на триглицериди и шеќер во крвта, како и ризикот од дијабетес.
Сето ова директно му штети на срцето. Левин поттикнува на размислување: „Замислете да пиете една петтина шолја чист сируп од пченка. Тоа го правите секој пат кога ќе испиете лименка газиран пијалак“.
Енергетски пијалаци
Левин ги споредил енергетските пијалаци со „батериска киселина“ за срцето. Тие содржат 1,5 пати повеќе кофеин од кафето, заедно со осум до 15 лажички шеќер или сируп од пченка. Комбинацијата на кофеин и шеќер може сериозно да го оптовари срцето. Трагичен пример е смртта на 28-годишна жена, страстен вежбач, чија мајка предупредува за опасностите од енергетските пијалаци откако нејзината ќерка починала од срцев удар.
Д-р Левин советува да се избегнуваат овие пијалаци и да се изберат поздрави алтернативи за одржување на здравјето на срцето. „Она што го пиете може да има големо влијание врз вашиот живот“, заклучил тој.