Верувале или не, магнезиумот учествува во повеќе од 300 различни процеси во организмот – од функцијата на мускулите и нервите, преку регулирање на нивото на шеќер во крвта, до одржување на здрави коски, објаснува нутриционистката Гарима Гојал.
Пред да посегнете по суплементи, треба да запомните дека магнезиумот може да се внесе и на природен начин – преку исхраната. Постојат плодови богати со овој минерал, кои лесно можете да ги најдете на пазар или во продавница.
5 видови овошје богати со магнезиум кои треба почесто да ги консумирате
Иако семките, јаткастите плодови и интегралните житарки се познати извори на магнезиум, постојат и овошја што го содржат во значителни количини.
Банана (41 mg на 100 g)
Бананата е едно од овошјата со највисока содржина на магнезиум. Освен тоа, богата е и со калиум, растителни влакна и витамин Б6. Придонесува за здравје на срцето, добро варење и обезбедува енергија.
Како да ја консумирате: Јадете ја сирова како ужина, додадете ја во смути или комбинирајте ја со путер од кикирики за повеќе протеини.
Праска (околу 30 mg на 100 g)
Праските се слатки, освежителни и богати со магнезиум, витамин Ц и растителни влакна. Добри се за имунитетот, варењето и хидратацијата на организмот, особено во нивната сезона.
Како да ја консумирате: Јадете ја свежа, додајте ја во овошна салата или направете домашен компот.
Урми (50 mg на 100 g)
Урмите се вистинска ризница на влакна и минерали. Одличен избор се за природно зголемување на нивото на магнезиум, а особено се препорачуваат за трудници и лица со недостаток на железо.
Како да ги консумирате: Изедете 2–3 урми како ужина, додајте ги во десерти или, ако се суви и цврсти, потопете ги во вода преку ноќ за да омекнат и полесно да се сварат.
Кајсија (21 mg на 100 g)
Кајсиите, покрај магнезиум, содржат и витамин А и антиоксиданси. Го поттикнуваат варењето и се одличен избор ако сакате лесна и здрава закуска.
Како да ја консумирате: Јадете ја свежа, додајте ја во овошна салата или направете смути.
Авокадо (29 mg на 100 g)
Авокадото е овошје што во последниве години станува сѐ попопуларно и кај нас. Освен што содржи здрави масти, богато е и со магнезиум, поради што е одлично за срцето, мозокот и нервниот систем.
Како да го консумирате: Изгмечете го на интегрален леб, додајте го во салата или изматете го во кремасто смути.
Освен овошјето, магнезиум можете да внесете и преку други намирници:
• Семиња и јаткасти плодови: Семки од тиква, бадеми и индиски ореви се одлични извори.
• Зелен лиснат зеленчук: Спанаќ и блитва се богати со магнезиум.
• Мешунки: Грав и леќа се добар избор.
• Цели зрна: Овес, леќа и просо се корисен дел од здравата исхрана.
– Магнезиумот е важен минерал што ни помага да се чувствуваме добро, да имаме доволно енергија и да останеме здрави. Затоа, обидете се секојдневно да го внесувате преку разновидна исхрана богата со овошје, зеленчук, јаткасти плодови и житарки. Ако имате хронично заболување или земате лекови, консултирајте се со вашиот лекар пред значително да го зголемите внесот на магнезиум – советува нутриционистката.