Сите знаеме дека плачењето носи олеснување. Тоа чувство кога после солзи длабоко вдишуваме, па дури и се насмевнуваме – како сета тежина да се растопила.
Поговорката дека солзите ја чистат душата не е само поетски израз – таа има вистина втемелена и во емоциите, и во биологијата.
Плачеме кога сме скршени, но и кога сме радосни. Кога сме преплавени од стрес, но и кога сме во прегратка на добри вести. Солзите се дел од нашата човечка природа – чинот кој го сведочи нашето најдлабоко „јас“. Но што точно се случува во телото и умот кога ќе пуштиме солза?
Научниците се уште ја истражуваат оваа енигма – зошто луѓето, како единствен вид на планетата, плачат од емоции. Она што го знаеме е дека плачењето не е само израз на болка, туку и процес на враќање на телото од состојба на борба или бегство во состојба на мир. Со други зборови, солзите можат да бидат физичка манифестација на смирување.
Истражувањата покажуваат дека две третини од луѓето се чувствуваат подобро откако ќе заплачат. Но, тоа чувство не произлегува само од самиот чин – туку од реакцијата на средината. Кога сме прифатени, разбрани, кога некој ни подаде рака додека плачеме – ефектот е многу посилен. Во тие моменти, солзите не само што ја олеснуваат душата, туку и создаваат мостови кон другите.
И од биолошки аспект, плачењето има функција. Не само што ја пренесува пораката „ми треба поддршка“, туку делува и на околината – ги смирува конфликтите, ја намалува тензијата, а понекогаш дури и го менува текот на некој разговор. Солзите можат да бидат инструмент за комуникација, но и стратегија на телото да неутрализира агресија.
Интересно е и тоа што плачењето, според истражувањата на биохемичарот Вилијам Фреј, може да помага и во исфрлање на токсини од телото. Емоционалните солзи содржат различни хемиски состојки од оние кои се лачат при иритација – што отвора можност дека плачењето е вид прочистување, не само емоционално, туку и физиолошко.
Солзите содржат и лизозим – супстанца што има својства на природен антисептик. Иако ова не значи дека солзите имаат лековита моќ, телото преку нив ја заштитува површината на окото и ја одржува влажна и здрава. Но, премногу плачење може и да ги иритира очите, па потребен е баланс.
Хормоните играат голема улога во тоа колку често и како плачеме. Жените, поради влијанието на естрогенот, имаат зголемена веројатност да заплачат во одредени периоди – пред менструација или по породување. Кај мажите, тестостеронот може да ја намали склоноста кон солзи. Но влијанието на културата и воспитувањето е исто толку силно: мажите често растат со порака дека солзите се знак на слабост, што може да го потисне природниот порив.
Плачењето не е само психолошки чин – телото реагира целосно: зголемено чукање на срцето, тресење, дури и чувство на исцрпеност по емоционалниот изблик. Во тие моменти, солзите стануваат начин телото да се ресетира, да се врати во баланс.
Иако нема доволно научни докази што точно и колку добро прават солзите за телото, едно е сигурно – тие се длабок, инстинктивен механизам за преживување, поврзување и исцелување. Не е нужно секојпат да знаеме зошто плачеме. Доволно е да си дозволиме да чувствуваме. Да се отвориме. Да бидеме луѓе.