Од "Google" велат дека ваквите договори се во согласност со пазарните стандарди.
Како би реагирале ако една компанија ви понуди цела година да не работите ништо, а притоа да добивате плата, со единствен услов да не дадете отказ и да не преминете кај конкуренцијата? На многумина ова би им звучело примамливо и веднаш би прифатиле, но прашање е како би се чувствувале по 5-6 месеци без конкретни задачи и проекти.
Со ваков проблем се соочуваат некои вработени во "Google", поточно во нивната компанија за развој на вештачка интелигенција — "DeepMind". Како што откри поранешниот вработен во "DeepMind" (сега во "Microsoft"), Нандо де Фреитас, преку платформата X, "Google" потпишал вакви договори со одредени вработени, поради кои некои AI-развивачи може да бидат вработени цела година — без задачи и без работа на проекти.
Ако се прашувате зошто би го правеле тоа — одговорот е едноставен: конкуренција. Наместо да ги пуштат развивачите да ги користат своите вештини за создавање конкурентски производи, "Google" преферира да им плаќа високи плати додека не работат ништо.
Целта на овие договори е заштита на деловни тајни и чувствителни информации, како и спречување на ситуација каде што вработените ќе отворат сопствена компанија и ќе „украдат“ клиенти од поранешниот работодавец. Основните елементи на овие договори вклучуваат траење на забраната (во случајот на "Google" – до една година), географски опфат, вид на деловна активност и сл.
Не потпишувајте вакви договори
Де Фреитас советува дека најдобар начин да се избегнат ваквите ситуации е да не се потпишуваат договори со такви клаузули. Но, кога се појавува шанса за работа во Google, многумина прифаќаат без многу размислување, не внимавајќи на детали во договорот кои можат да ги доведат во ситуација да земаат пари – без работа.
Со оглед на тоа што денес AI е присутна во поголемиот дел од производите и услугите, изгледа прилично неверојатно дека постојат AI-експерти кои "Google" не може да ги ангажира во тековни проекти — туку ги држи без работа.
Иако Американската Федерална трговска комисија има забрането вакви договори со кои се ограничува вработен од работа за конкурент во некои сојузни држави како Калифорнија, "DeepMind" е формално британска компанија, што веројатно и овозможува да склучува вакви договори со своите вработени — според анализата на "Tom’s Hardware".
Новинарите стапиле во контакт и со "Google" за појаснување на ситуацијата. Од компанијата не ги негираа наводите, туку изјавија дека договорите се „во согласност со пазарните стандарди“ и дека, со оглед на чувствителноста на нивната работа, користат договори за забрана на конкуренција за да ги заштитат своите интереси.