"Microsoft" им советува на корисниците: Бидете одговорни, рециклирајте ги старите компјутери.
Microsoft на 14 октомври 2025 година официјално ќе ја прекине поддршката за "Windows 10", што значи дека постарите компјутери нема да можат да се надградат. Прашањето е – што да се прави со постојната опрема? Одговорот на компанијата од Редмонд е јасен:
„Рециклирајте ја“.
Во неодамна објавен водич за поддршка, "Microsoft" ги потсети корисниците дека е време да го испланираат следниот чекор – препорачува ажурирање на системот, правење резервни копии на документите, а за стариот хардвер нагласува:
„Бидете одговорни и рециклирајте го.“
Со други зборови – фрлете ги старите уреди.
Правилното рециклирање ја штити животната средина
Според "Microsoft", правилното рециклирање е клучно за заштита на животната средина, а програмите за замена на старите уреди можат да го олеснат купувањето на нов компјутер.
Имплицитната порака е јасна: Не е препорачливо да продолжите да го користите "Windows 10" по октомври 2025 година.
Старите уреди ќе работат, но со висок ризик
Иако компјутерите технички ќе продолжат да функционираат, престанокот на безбедносните ажурирања и техничката поддршка значително ја зголемува опасноста од хакерски напади.
Дополнително, апликации како "Office" постепено ќе престанат да работат на "Windows 10", што ќе го направи секојдневното користење сè потешко.
Колку долго корисниците ќе ризикуваат, зависи само од нив, пренесува "LTN".