Светски ден на бездомните животни: Разбирање на предизвиците со бездомните кучиња во Македонија и потребата за хумани решенија

Точка

04/04/2025

14:14

1.132

Големина на фонт

а а а

Денес, 4 април, го одбележуваме Денот на бездомните животни – ден кога се потсетуваме на важноста од хуман третман на животните во нашето општество.

 За жал, во Македонија, бездомните кучиња не се само симбол на недостаток на грижа и внимание, туку и на растечки јавен проблем. Нападите од страна на бездомни кучиња се чести, а последиците од нив се сериозни, не само за безбедноста, туку и за јавното здравје. Во овој контекст, магистерот по природни науки од Сорбона, Илија Петковски нагласува дека решавањето на овој проблем не е само прашање на зголемување на безбедноста, туку и на примена на хумани методи кои ќе го намалат бројот на бездомни кучиња и ќе ја подобрат ситуацијата за сите. Овој ден не е само повод за одбележување, туку и за сериозно размислување и започнување на акција што ќе донесе хумани и ефективни решенија.


Во продолжение е неговиот став на оваа тема, каде може и да се едуцираме малку повеќе за овие животни, како да им помогнеме, а воедно и самите ние да се заштитиме.

Кучето (Canis lupus familiaris) е домашно животно кое потекнува од волкот и има долга историја на коегзистенција со човекот. Кучињата и сивите волци имаат приближно 99.96% идентична нуклеарна ДНК. Оваа минимална разлика од околу 0.04% укажува на нивната блиска еволутивна врска. Поради нивната генетска блискост и способноста за меѓусебно размножување, кучињата често се сметаат за подвид на сивиот волк. Иако денес многу кучиња се домашни миленици, во природата тие се предатори и лешинари чие преживување зависи од лов и исхрана со остатоци од мрши. Нивната главна исхрана се состои од месо, но можат да консумираат и растителна храна кога нема доволно плен. Кучињата во природата го дестабилизираат екосистемот при хиперпопулација, бидејќи се размножуваат двапати годишно и имаат поголем капацитет на изгладнување, поширока палета на исхрана при недостаток од плен и помала претпазливост за доближување до населените места од своите конкуренти од истата фамилија Canidae како лисицата, волкот и чакалот. Овој феномен на дестабилизација е веќе забележан во Македонија од страна на еколози и ловни друштва посебно околу исхрана со пленот на балканскиот рис. Во дивина, кучињата или живеат во групи со јасна хиерархија, каде што доминира алфа единка што ја предводи глутницата или пак се одметнати во потрага по храна или територија.


Еден од употребуваните научни модели за класификација на бездомните кучиња според нивниот степен на зависност од човекот е категоризацијата К1-К5 која ги дели бездомните кучиња во пет категории врз основа на нивната зависност од човекот. Категориите 4 и 5 опфаќаат кучиња што живеат во села, депонии и шуми, без човечка грижа. Овие животни се главниот неконтролиран извор на бездомната популација во Македонија, бидејќи нивното природно размножување не е регулирано, што доведува до постојано зголемување на нивниот број. Незначителен дел од целата бездомна популација на кучиња може да дојде од напуштени миленици. Бројката на напуштените кучиња миленици е најверојатно повисока, но единствениот релевантен елемент да се потврди сопственоста на едно куче е неговиот чип, а доколку кучето не поседува чип, не е возможно истото да се вброи во статистиката на напуштени миленици. Расните кучиња се ретки на улиците и кога ќе се најдат, тие најчесто релативно брзо се вдомуваат освен во случај на длабока старост, болест или несоодветна социјализација. Салонските раси, пак, речиси и да не постојат во бездомната популација на кучиња.


Во Македонија (според Решението од Одделот за односи со јавност и стратешки прашања при Министерството за Внатрешни Работи рег.бр.16.1.2-262/2 од 20 Февруари 2025 упатено кон Здружението на Граѓани ОТКРИТИЕ) во податоците од 2023 и 2024 година на ниво на Македонија се пријавуваат во просек шест напади дневно од бездомни кучиња, што е 1,215 напади на 1 милион жители годишно. За споредба, во Грција (студија одобрена од Биотетичкиот комитет на Грчката национална организација за јавно здравје (NPHO Ref. no 15478/2023) за истиот период имаат 683 напади од бездомни кучиња, што е значително помалку - 131 напад на 1 милион жители годишно. Ризикот за напад од бездомно куче е близу десет пати повисок во Македонија отколку во Грција. Тој сооднос со развиените членки на ЕУ е многу повисок.


Преголемиот број бездомни кучиња во руралните делови на Македонија има сериозни последици по јавното здравје. Тие мигрираат често во урбаните делови и претставуваат ризик за ширење на зоонозни болести како кожни инфекции, паразитски заболувања, но и болести како лишманиоза, бруцелоза и беснило. Контактот меѓу луѓето и бездомните кучиња во урбаните средини е неизбежен и најчесто се случува во глутници, што го зголемува ризикот од напади и заболувања. Истотака, траумите од нападите на куче се големи, и многу често постои потреба за психолошка помош за жртвите, особено кога се работи за деца.

Безбедноста на улиците е исто така загрозена. Нападите на јавен простор од бездомни кучиња се почести отколку случаите на насилство меѓу луѓето, а ранливите категории, како децата и постарите лица, се најмногу изложени на ризик. Рекреативците, како велосипедисти, пешаци и корисници на скирол и ролери (особено деца), се чести жртви на нападите, што го отежнува секојдневниот еколошки начин на движење низ градовите. Исто така, бројни сообраќајни несреќи се предизвикани од бездомни кучиња, кои создаваат пречки на патиштата и предизвикуваат стресни ситуации за возачите често и на автопатиштата.


Преголемиот број бездомни кучиња има негативен ефект и на туризмот. Гостите често сведочат за непријатни искуства со агресивни кучиња на улиците, што негативно влијае на имиџот на земјата како туристичка дестинација. Ова создава бариери за развој на туризмот и го намалува бројот на посетители.

Иако ситуацијата е критична, сеуште има време да се антиципира и да се донесат хумани и долгорочни решенија. За трајно решавање на проблемот, Македонија мора да примени системски пристап првенствено заснован на реални податоци и докажани методи од меѓународната пракса. Со намалување на бројот на бездомни кучиња, ќе се зголеми безбедноста на граѓаните, ќе се подобри имиџот на земјата како туристичка дестинација и ќе се минимизираат здравствените и економските ризици.

Неразделен дел од решавањето на овој проблем е вклучувањето на експерти како еколози, биолози, ветеринарни доктори, професионалци за работа со кучиња, но и социолози и урбани планери, кои ќе понудат целосни и одржливи решенија. Решението мора да биде национална долгорочна стратегија. Само со јасна стратегија и координирана акција може да се обезбеди долгорочно и одржливо решение на овој проблем“, заклучува Петковски.


Автор: Илија Петковски

Ветеринарен техничар – Скопје
Магистер по природни науки од Сорбона – Париз
Сопственик на Центарот за Благосостојба на Миленици – ТУТУОсновач на Здружението на Граѓани за промоција на природните науки – ОТКРИТИЕ