Папата Франциско вчера имаше ненајавена средба со британскиот крал Чарлс Трети и кралицата Камила, кои се во посета на Италија, соопштија Ватикан и Бакингемската палата.
Портпаролот на Бакингемската палата рече дека кралот и кралицата се „воодушевени“ што папата е во доволно добра здравствена состојба за да ги прими, откако средбата претходно беше откажана поради здравствената состојба на папата.
Чарлс Трети и Камила требаше да имаат официјална државна посета на Ватикан, заедно со посетата на Италија, но таа беше откажана откако лекарите му препишаа на Франциско два месеци одмор и закрепнување по хоспитализацијата.
Папата приватно ја прими кралската двојка и им посака се најдобро за нивната 20-годишнина од бракот, која ја прославија во среда, се вели во соопштението на Ватикан.
Франциско и Чарлс се сретнаа двапати претходно, во 2017 и 2019 година, пред актуелниот британски монарх да стане крал.
Покојната кралица Елизабета го посети папата Франциско во Ватикан во 2014 година.
Папата се уште се опоравува по престојот во болница со билатерална пневмонија.
Гласот и мобилноста на папата Франциско продолжуваат да се подобруваат благодарение на неговите секојдневни вежби, соопшти во вторникот Канцеларијата за печат на Ватикан.
Кралот Чарлс Трети од февруари 2024 година се лекува од рак, чиј тип никогаш не беше јавно објавен, а беше откриен по операцијата за зголемена простата.