Трамп: Кси е еден од најпаметните луѓе во светот, тој точно знае што треба да направи

Макфакс

10/04/2025

08:00

3.295

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека ќе паузира некои од своите нови царини на 90 дена и дека дополнително ќе ги зголеми царините за увоз од Кина. Ненадејната промена дојде помалку од 24 часа откако стапија на сила новите американски царини за увоз од десетици земји кои се трговски партнери на Соединетите Американски Држави.

Новите трговски бариери им нанесоа удар на пазарите, ја зголемија веројатноста за рецесија и доведоа до контрамерки од Кина и од Европската унија. Трамп рече дека ќе ги зголеми царините за увоз од Кина на 125 отсто од 104 отсто. Тој нагласи дека ќе ги зголеми царините за Кина поради „недостатокот на почит што Кина го покажа кон светските пазари“.

Претходно Кина објави царини од 84 отсто на увозот од САД. „Ја одобрив 90-дневната пауза и значително ги намалив реципрочните царини од 10 отсто во тој период“, рече тој, додавајќи дека одлуката за пауза и за зголемување на царините за Кина стапува на сила веднаш.


Трамп подоцна во Овалната соба изјави дека е подготвен да се сретне со кинескиот претседател Си Џинпинг. „Се разбира, тој е мој пријател. Ми се допаѓа“, рече Трамп одговарајќи на новинарско прашање дали би бил подготвен да разговара или да се сретне со кинескиот лидер. „Секако дека би се сретнал со него“, додаде тој.

На прашањето на новинарот зошто Белата куќа првично инсистираше дека нема да отстапи, ако целта е да ги охрабри другите земји да преговараат, Трамп одговори кратко: „Тоа се преговори“. „Кси е паметен човек и на крајот ќе постигнеме многу добар договор“, продолжи Трамп. Тој го нарече кинескиот претседател „еден од најпаметните луѓе во светот“.


Тој накратко се осврна и на американската воена моќ: „Имаме оружје за кое никој не знае“, рече тој, пред да се врати на темата и уште еднаш да го пофали Кси. „Кси е човек кој точно знае што треба да се направи. Тој ја сака својата земја. Во одреден момент телефонот ќе заѕвони – а потоа започнува трката“, рече Трамп.