[ФОТО/ВИДЕО] „Тоа е чист ужас“: Животот во украинскиот град на духови кој се наоѓа на првата линија

Точка

18/03/2025

17:39

1.280

Големина на фонт

а а а

Херсон е застрашувачки тивок. Главниот плоштад на овој пристаништен град е речиси целосно пуст. Ова е град на првата линија на војната меѓу Русија и Украина.

Руските сили се наоѓаат веднаш преку реката Днепар, на помалку од три километри од украинските сили и ранливото население кое Украинците мораат да го бранат, пренесе Си-ен-ен.

Во продавницата со различни производи, поставени се големи бариери кои го штитат влезот, а дрвото ги покрива стаклените врати. Жителите се главно постари жени и мажи кои влегуваат да видат што има на полиците, купувајќи ги основните намирници за денот пред да се вратат во прифатилиштето и во домовите.

Знамињата се сè уште таму

Херсон беше првиот голем град кој падна во рацете на руските сили. Кога беше ослободен осум месеци подоцна, радосните групи луѓе облечени во сино-жолти украински знамиња излегоа на улиците, пееја, ги гушкаа и бакнуваа војниците додека автомобилите свиреле.

Знамињата се сè уште таму, едно големо е истакнато на покривот на една банка во центарот на градот, а помали знамиња ги красат улиците и дури се насликани на светилките. Но, вревата и радоста исчезнале.

Нелегалната руска анексија на Крим во 2014 година му даде на Путин парче земја на Црното море јужно од Херсон, но инвазијата која започна во 2022 година доведе до тоа руските сили да преземаат сè повеќе и повеќе територии. Многу згради ги прикажуваат годините на конфликт – скршени прозорци, парчиња урнатини расфрлани низ бетонот.

Живот под дронови

Цивилите секојдневно мораат да внимаваат на воздушните закани. Гранатите сè уште им летаат над главите, предизвикувајќи застрашувачки и разорни удари додека паѓаат. Но, сега звукот на беспилотните летала е она што ги ужаснува луѓето овде.

„Невозможно е да се објасни колку е страшно“, рече Олена Василиевна Шигарева. „Лета, зуи, не го гледате. А кога ќе го забележите, престанува и почнува да ве следи каде и да одите“.

Шигарева раскажа како таа и уште една жена додека пешачеле заедно станале мета на дронови, во она што некои жители на Херсон го нарекуваат „лов“ на нив. Десетици видеа на социјалната мрежа Телеграм покажуваат вооружени дронови кои следат цивили и фрлаат експлозиви.


„Можеа да видат дека сме жени, а не војници“, додаде Шигарева. „Ништо не им направивме. Тоа е само ужас“, рече Шигарева од болничкиот кревет, која е на лекување поради повреденото колено и шрапнел во ногата.

Градоначалникот на Херсон работи во подрум

Роман Мрочко, градоначалникот на Керсон, работи во подрум, под земја, далеку од заканата од дронови. Тој рече секојдневно околу 100 дронови се упатуваат кон неговиот град. „Голем број од нив ги блокираме со нашите блокатори, но секако има и дронови кои стигнуваат до целта и ги погодуваат нашите луѓе. Ние тоа го нарекуваме лов на цивили. Русите испраќаат нови единици на дронови во Херсон и ги обучуваат со напаѓање на цивили“, додаде тој.

Намерното насочување на напади врз цивили кои не се директно вклучени во воените дејствија се смета за воено злосторство според меѓународното право. Русија повеќе пати беше обвинета дека цели на украински цивили, но ги отфрли обвинувањата, и покрај значителните докази.

Раното утро е најдобро време да се биде на улица, а тоа е кога волонтерите доставуваат кутии со храна. Жените нервозно излегуваат од своите куќи, топло облечени. Брзо ги земаат кутиите со храна за да можат што побрзо да се вратат во домовите. Всушност никој не сака да застане и да разговара. Во овој град премногу е опасно да се биде надвор.