Пациент од Австралија стана првата личност во светот која ја напуштила болницата со нов тип на вештачко срце, пишува „Најн њуз“.
Маж од Нов Јужен Велс, на возраст од околу 40 години, кој преживеал срцев удар, добил имплант во ноември за време на шестчасовна операција во болницата „Сент Венсан“ во Сиднеј. По неколкунеделен престој на одделот за интензивна нега и дополнителен период под медицински надзор, бил пуштен од болница минатиот месец.
Вештачкото срце, изработено од титаниум, е развиено од медицинско-технолошката компанија „BiVACOR“. Неговата цел е да ги одржува пациентите во живот додека не се пронајде соодветен донор. За Австралијанецот, во почетокот на март бил пронајден донор и му била извршена трансплантација, по повеќе од 100 дена – што е најдолгиот период кој некој пациент живеел со целосно вештачко срце надвор од болнички надзор.
Овој уред користи пумпа за извршување на основните функции на срцето, а неговиот изумител, австралискиот научник д-р Даниел Тимс, изјави дека е горд на технолошкиот напредок.
„Фактот што Австралија е дел од овој процес и што учествуваме во првите клинички испитувања е од огромно значење за мене и нешто кон кое стремев од самиот почеток“, изјави Тимс.
„Целиот тим на ‘BiVACOR’ е длабоко благодарен на пациентот и неговото семејство што ни ја доверија нашата целосно вештачка срцева технологија. Нивната храброст ќе го отвори патот за многу други пациенти да ја добијат оваа животно важна технологија“, додаде тој.
Д-р Пол Јанс од болницата „Сент Венсан“ во Сиднеј, кој бил дел од хируршкиот тим, го опиша учеството во овој револуционерен зафат како привилегија.
„Срцевата слабост секоја година одзема речиси 5.000 животи во Австралија. Работевме со години на ова и навистина сме горди што сме првиот тим во Австралија што успешно ја изведе оваа процедура“, изјави Јанс, пренесе „Најн њуз“.
Според податоците на австралиската влада, повеќе од 23 милиони луѓе во светот годишно доживуваат срцев удар, но срце од донор добиваат само околу 6.000 пациенти. Владата има инвестирано 50 милиони долари во проектот за развој на вештачкото срце.
Долгорочната цел на „BiVACOR“ е нивниот имплант да им овозможи на пациентите да живеат со него, без потреба од трансплантација на срце.