Путин со речиси 20 други земји ја започнува Интервизија, алтернативата на Евровизија

Точка

05/02/2025

10:11

1.241

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин нареди оживување на алтернативата на Евровизија од советската ера, откако на Русија ѝ беше забрането да учествува на ова натпреварување. Рускиот лидер оваа недела потпиша декрет со кој им наложи на официјалните лица да го оживеат натпреварот за песна на Интервизија во Москва оваа година, кој има за цел „да ја развие меѓународната културна и хуманитарна соработка“.

Претседателскиот претставник Михаил Свидкој претходно изјави дека речиси 20 земји се согласиле да учествуваат, вклучувајќи ги Бразил, Куба, Индија, Кина и други „пријателски“ нации. Исто така Свидкој рече дека натпреварот ќе се одржи наесен.


На Русија ѝ е забрането да учествува на Евровизија од 2022 година

По инвазијата на Украина во 2022 година, на Русија ѝ беше забрането да учествува на натпреварувањето за песна на Евровизија. Путин назначи неколку високи функционери да го организираат натпреварувањето наречено Интервизија, вклучително и заменик-премиерот Дмитриј Чернишенко, кој беше назначен за шеф на организацискиот комитет.


Оригиналниот натпревар за песна на Интервизија беше лансиран во времето на поранешниот советски претседател Леонид Брежњев и се одржуваше спорадично од 1960-тите до 1980-тите како одговор на источниот блок на Евровизија.

Натпреварувањето се одржуваше во Полска и тогашна Чехословачка, а учествуваа и натпреварувачи од неевропски земји, вклучувајќи ги и комунистичките сојузници на Москва како Куба. Многумина го сметаа за симбол на советската отвореност кон светот по смртта на диктаторот Јосиф Висарионович Сталин.

Финска, која се обидуваше да одржи неутралност за време на Студената војна, беше една од ретките земји што учествуваше и на Евровизија и на Интервизија, со свои изведувачи во двете натпреварувања. Инаку Русија првпат се натпреваруваше на Евровизија во 1994 година, само неколку години по распадот на Советскиот Сојуз.