[ФОТО] Најгусто населено место во светот? Опасен кварт кој привлекува сè поголем број туристи

Точка

17/01/2025

19:41

8.544

Големина на фонт

а а а

Еден од најголемите сиромашни квартови, а можеби и најгусто населеното место во светот, ќе го пронајдете во Мумбаи, раздвиженото пристаниште и големиот деловен центар на Индија. Бројот на жителите во Дарави изнесува приближно 300.000 до еден милион луѓе кои живеат на површина од 2,39 квадратни километри.

Овој симбол на Мумбаи создаден во 1884 година - кога Индијците од руралните делови на земјата се преселиле во градот и нашле засолниште во сиромашните квартови. Како што се зголеми производството и потребата од работници во Мумбаи, така се зголеми и Дарави.



Иако многумина го замислуваат како жариште на криминал и нечистотија, во оваа раздвижена лавиринтска населба е скриена богатата историја на различни заедници кои нашле дом таму. И покрај тесните простори и предизвикувачките услови, жителите обезбедија просперитетна микроекономија – индустријата за рециклирање.



Околу 60 отсто од пластичниот отпад во Мумбаи се рециклира токму во Дарави. Таа е една од најголемите и најефикасните индустрии за рециклирање во светот. Исто така тамошните жители живеат и од кожарската индустрија, па така од 1950-тите, квалификуваните занаетчии се занимаваат со преработка и производство на квалитетни кожни производи.

Добрите и лошите страни на живеењето во Дарави

Со оглед на високата густина на населението, жителите на Дарави се принудени да се навикнат на минималната приватност, како и на премалиот простор за основните потреби. Повеќето куќи во Дарави немаат сопствени тоалети, а секое утро се создаваат огромни редици пред заедничките тоалети, додека за жените е небезбедно да користат јавни тоалети навечер бидејќи не се осветлени. Водоснабдувањето е нередовно, па жителите ја складираат водата во големи пластични буриња, а количеството отпад на улиците, хаотичниот сообраќај и недостигот на вентилација во домовите, се едни од лошите страни на живеењето во Дарави.



Исто така многу куќи се импровизирани и изградени од неквалитетни материјали, па во случај на пожар, земјотрес или поплава претставуваат голема опасност за жителите. Пренатрупаноста, лошата хигиена и недостигот на здравствени услуги го зголемуваат ризикот од заразни болести, а не се поштедени ниту децата кои често работат за да им помогнат на своите семејства, а со тоа ја губат можноста за образование.



И покрај многуте предизвици, во Дарави можат да се забележат многу насмеани лица, а ако ги прашате луѓето дали се среќни, тие ќе одговорат потврдно. Задоволни се од дружењето, заедништвото и тоа што можат да се потпрат еден на друг. Некои делови од Дарави, како што е областа каде што живеат рибарите Коли, станаа добро одржувани и чисти благодарение на ангажманот на заедницата. Разновидноста на културите и необичноста на животот во овој индиски сиромашен кварт, привлекува илјадници туристи секоја година, кои доаѓаат да видат како функционира оваа заедница како и да ја разберат нејзината сложена економија и култура.