Невролозите советуваат: Доколку имате повеќе од 50 години, престанете со оваа навика

Точка

31/01/2025

23:13

3.461

Големина на фонт

а а а

Бројот на нови случаи на деменција рапидно се зголемува, со процени дека бројката ќе се удвои до 2060 година. Но, деменцијата не е само прашање на генетика и случајност – начинот на живот игра клучна улога. Истражувањата покажуваат дека Алцхајмеровата болест може да започне дури 20 години пред да се појават првите симптоми, што значи дека превентивните мерки се важни многу пред староста. Околу тоа кои навики треба да се прекинат до 50-тата година за да се намали ризикот од деменција, зборуваа невролозите д-р Ахилефс Нтранос и д-р Џонатан Хауард.

Според д-р Нтранос, најголемиот ризик фактор и навика која треба да се избегнува е социјалната изолација.

„Чувството на осаменост не е само емоционален товар – тоа е закана за мозокот. Истражувањата покажуваат дека социјалната изолација го зголемува ризикот од деменција за дури 50 отсто, најверојатно поради намалената когнитивна стимулација, зголемен стрес и промени во расположението“, објасни д-р Нтранос за „Parade“.


Дружењето бара активно слушање, разбирање на емоциите, водење разговори и потсетување на заедничките искуства – сето тоа го одржува мозокот активен. Поради овие причини, д-р Нтранос препорачува вклучување во секојдневни интеракции, дури и преку мали разговори со познаници или продавачи. Тој, исто така, предлага учество во социјални групи, волонтирање и користење на технологијата како видеоповици за одржување контакт со блиските.


„Комбинирајте ја социјалната активност со движење, како пешачење или градинарство, за да комбинирате две стратегии кои се корисни за мозокот“, додаде д-р Нтранос.

„Најдобар начин да се намали ризикот од деменција е да се има здрав начин на живот“

Покрај социјалната изолација, други животни избори можат да го зголемат ризикот од деменција. Д-р Хауард ја нагласи важноста од откажување од пушење и намалување на внесот на алкохол.

„Најдобар начин да го намалите ризикот од деменција е да имате здрав начин на живот“, истакна д-р Хауард. Тој особено го нагласи внесувањето на зелен лиснат зеленчук, јаткасти плодови, бобинки, полнозрнести житарки, риба и маслиново масло.


Добрата вест е дека малите промени можат да донесат големи придобивки. Според д-р Нтранос позитивните ефекти од зголемената социјална интеракција можат да се забележат по само неколку недели.

„Подобрувањата во расположението и когнитивните функции доаѓаат брзо, но континуитетот е клучен. Дружењето е како витамин за мозокот – малите дневни дози даваат најдобри резултати“, заклучи тој.