Ибупрофен, еден од најчесто користените лекови против болки, би можел да има изненадувачки позитивни ефекти врз мозокот, тврдат научниците. Новото истражување покажа дека овој популарен антиинфламаторен лек не само што помага при главоболки, забоболки, болки во грбот и симптоми на настинка, туку може да ги забрза реакциите и да ги подобри когнитивните функции.
Научниците од „University College London“ открија дека ефектите на ибупрофен врз мозокот можат да бидат исто толку корисни како и намалувањето на високиот крвен притисок. Сепак, не сите лекови се подеднакво корисни – се покажа дека парацетамолот, уште еден вообичаен лек против болки, има спротивен ефект и може дури и да ја влоши меморијата.
Студијата анализирала податоци од околу половина милион луѓе во Велика Британија и проучи како различните лекови влијаат врз функцијата на мозокот. Докажано е дека лековите кои се користат за лекување на болка, воспаление, остеоартритис, срцеви заболувања, астма, алергии и висок крвен притисок можат да имаат значителни позитивни ефекти врз мозокот. Но, од друга страна, парацетамолот и антидепресивот флуоксетин се поврзани со послаби резултати на тестовите за меморија и за решавање проблеми.
Истражувачите истакнуваат дека нивните резултати покажуваат поврзаност помеѓу одредени лекови и когнитивните функции, но не можат со сигурност да кажат дека лековите директно ги предизвикуваат овие ефекти. Сепак, тие веруваат дека идните клинички испитувања на новите лекови треба да вклучуваат и процена на нивното влијание врз мозокот, за лекарите да можат да можат да носат поинформирани одлуки околу терапиите за пациентите.
Аспирин, кодеин и диклофенак исто така покажале позитивни ефекти
Неврологот Мартин Росор, еден од авторите на студијата, нагласи дека когнитивните ефекти на лековите треба редовно да се проценуваат, бидејќи некои лекови можат да имаат значително влијание врз функцијата на мозокот. Тој додаде дека медицината често го игнорира влијанието на лековите врз меморијата и концентрацијата, особено кај постарите лица, бидејќи ваквите проблеми често се припишуваат на природниот процес на стареење.
Истражувањето беше финансирано од „The Health Foundation“ и опфати медицински податоци од повеќе од 540.000 мажи и жени на возраст до 73 години. Биле анализирани нивните медицински досиеја, вклучувајќи информации за лековите кои ги користеле и резултатите од тестовите кои ја мереле брзината на реакцијата, меморијата, логичното расудување и способностите за решавање проблеми.
Резултатите, објавени во списанието „Brain and Behavior“, покажаа дека луѓето кои користеле еден од десетте вообичаени лекови оствариле подобри резултати на тестовите од оние кои не користеле лекови. Покрај ибупрофен, позитивни ефекти покажале и аспиринот, кодеинот и диклофенакот, познат и како Волтарен.
Амитриптилин има најлош ефект врз функцијата на мозокот
Дополнителни позитивни резултати биле пријавени и кај луѓе кои користеле омега-3 триглицериди за здравјето на срцето, глукозамин за остеоартритис, аторвастатин за намалување на холестеролот и лекови за стомачни проблеми како што се омепразол и лансопразол. Луѓето кои редовно употребувале мултивитамини имале подобри резултати и на когнитивните тестови.
Сепак, истражувањето откри и негативни ефекти на одредени лекови. Имено откриено е дека антидепресивот амитриптилин, кој често се користи за лекување на мигрена и депресија, е лек со најлош ефект врз функцијата на мозокот.
Иако резултатите од истражувањето се интересни, експертите предупредуваат дека се потребни дополнителни истражувања за тоа како овие лекови влијаат врз мозокот и дали нивните придобивки можат да се искористат за подобрување на когнитивната функција.