Понудата на Доналд Трамп, кој на 20 јануари официјално ќе стане претседател на Америка, за купување на Гренланд можеби звучи смешно, но не е невозможна. Постојат неколку начини на кои Америка навистина може да го контролира најголемиот остров во светот, а еден од нив е особено болен за Данска.
Доколку новоизбраниот претседател на САД е навистина решен да го стави под своја контрола најголемиот остров во светот, би можел да се обиде директно да го купи, доколку автономната територија прогласи независност од Данска. Исто така, би можел да го претвори во комонвелт, како Порторико. Или пак, би можел да го убеди Гренланд да потпише договор каков што САД имаат со Микронезија и Маршалските Острови, кој ѝ овозможува на американската војска непречен пристап во замена за одбрана и финансиска помош.
„Постојат бројни варијации во рамки на она што го управува Министерството за внатрешни работи. Универзално решение не постои, а имаме преседани за имплементација на повеќе опции“, изјави за „Politico“ Алекс Греј, шеф на кабинетот на Советот за национална безбедност за време на првата администрација на Трамп.
Ако Трамп не може да го купи Гренланд, би можел да се обиде да отвори повеќе бази за шпионирање на блиската Русија и Кина. А доколку жителите се согласат – што можеби нема да се случи – би можел да најде начини за поголема контрола врз островот.
Трамп има повеќе опции пред себе кога станува збор за Гренланд – но и многу пречки.
Купување на островот
Греј изјави дека луѓето од кругот на Трамп навистина почнуваат сериозно да размислуваат за преговори што би довеле до тоа Гренланд да стане американска територија, како дел од напорите американската надворешна политика да се насочи кон западната хемисфера.
– Не мислам дека е надвор од можноста тој да направи директна купопродажба – рече тој.
Греј потсети на данската купопродажба на островот Сен Кроа од Франција во 17. век. Територијата подоцна ја купиле САД како дел од договорот во 1916 година и сега е дел од Девствените Острови.
Идејата сама по себе не е сосема нова. САД пред неколку децении нуделе да го купат Гренланд од Данска – во 1946 година понудиле 100 милиони долари во златни прачки – а овој долго чуван таен план беше откриен во 90-тите години. Но, дури и ако островот би можел да се продаде, многу жители на Гренланд не се сигурни дека би сакале да станат дел од САД. Премиерот на островот, Муто Егеде, кој повика на независност од Данска во следната деценија, изјави дека Гренланд „не е и никогаш нема да биде на продажба“. Како што пишува „Politico“, дури и сојузниците на Трамп признаваат дека преговорите за иднината на Гренланд би биле предизвикувачки поради огромните економски импликации – арктичкиот остров е богат со неискористени минерали и јаглеводороди закопани под ледените плочи.
На хартија, Гренланд веќе има многу од овластувањата на независна држава. Тој е автономен регион на Данска, со широка автономија. Ова значи дека може да избира свои лидери, додека Копенхаген управува со неговата надворешна политика и национална одбрана.
„Данска не тврди дека е сопственик на Гренланд. Сигурен сум дека данската влада, според ставовите што ги изнесоа, не смета дека има правна овластеност да го продаде Гренланд на кого било“, изјави Скот Андерсон, поранешен адвокат на Стејт департментот и експерт за национална безбедност.
Според „Politico“, САД немаат директно купено територија од крајот на 19. век, кога ги откупиле Филипините од Шпанија. Меѓународното право оттогаш ја направи таквата практика – купување, продавање или кражба на територија – табу, ако не и целосно нелегална.
„Ако тоа не биде меѓународно признато како валидно и легитимно, тогаш ќе предизвика разни компликации во реалното остварување на придобивките од тој однос со Гренланд“, додаде Андерсон.
Преземање на Гренланд
Воена инвазија, која Трамп не ја исклучува, би го вознемирила целиот свет.
„Тоа би било како да се преземе страница од прирачникот на Садам Хусеин и (Владимир) Путин … Оваа реторика на Трамп е загрижувачка, бидејќи тој е идниот претседател на САД и неговите зборови сами по себе носат последици за надворешните односи“, изјави Брајан Финукејн, поранешен правен советник во Стејт департментот.
Постигнување договор
Дури и ако Гренланд одлучи да се оддели од Данска, Америка сепак би можела да најде начин да оствари поголема контрола врз островот. САД имаат слични договори, познати како Договори за слободно здружување (COFA), со Микронезија, Маршалските Острови и Палау на западните пацифички острови.
Таков договор би им овозможил на САД ексклузивен воен пристап и право да одредуваат кои други нации можат да распоредат војска на Гренланд. Тоа би му овозможило на Пентагон поголемо присуство во регионот, истовремено ограничувајќи го пристапот на Кина до арктичките бродски рути, кои стануваат подостапни со топењето на поларниот лед, како и пристапот до воздушните и поморските бази на Русија во Мурманск, на блискиот полуостров Кола.
Ова е слично на односот што Гренланд го има со Данска, но со разлика што трите пацифички држави се независни нации. Како што потсетува „Politico“, администрацијата на Трамп претходно ја разгледувала идејата за потпишување договор "COFA" со Гренланд за време на неговиот прв мандат. Некои поранешни американски функционери сметаат дека тој модел би можел да го намали притисокот врз Копенхаген, бидејќи островот е околу 50 пати поголем од Данска. Активната војска на земјата е помала од полициските сили во Њујорк, наведува весникот.
„Данска разбира дека Гренланд ќе добие независност. Тие разбираат дека немаат капацитет да го бранат Гренланд откако ќе стане независен“, изјави Греј.
Но, по имплицитната закана на Трамп за воена акција за преземање на Гренланд – што предизвика предупредувања од Германија и Франција – дури и американската помош за дистанцирање на островот од Данска би можела да има дипломатски последици.
Покажување мускули
Ако Трамп не може да го купи Гренланд или да го вовлече во одбранбен договор, можеби ќе се обиде да постави повеќе американски бази таму. САД и сојузниците од НАТО имаат значителни празнини во надзорот над делови од Атлантскиот и Арктичкиот океан. САД би можеле да додадат понапредни сензори за да ги зајакнат радарите за рано предупредување кои Пентагон веќе ги има поставено на вселенската база Питуфик, на северозападниот дел од островот.
„Норвешка ја следи ситуацијата, ние ја следиме ситуацијата. Ова ја пополнува празнината. Тоа е важно“, изјави Џим Таунсенд, поранешен висок функционер на Пентагон кој работел на НАТО и арктичката одбранбена политика.
Греј нагласи дека е во интерес на сите да се спречи Русија и Кина да го искористат Гренланд.
„Кинезите се експерти во искористување на овие земји во развој со мала популација за свои цели. Данска разбира дека Гренланд кој е подложен на принуда не е во нивен, ниту во наш интерес“, рече тој.