Комесарката за проширување на ЕУ: Нема да има геополитички попуст, процесот на проширување ќе продолжи да се заснова на заслуги

Макфакс

14/01/2025

14:37

418

Големина на фонт

а а а

Агресивната војна против Украина отвори можност за проширување на Европската унија, но нема да има геополитички попуст, процесот на проширување ќе продолжи да се заснова на заслуги, изјави во комесарката за проширување Марта Кос.

Таа разговараше со членовите на Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент. Посочи дека руската војна против Украина го оживеа процесот на проширување, но дека не треба да се очекува поради тоа да се разблажат условите за пристапување.

„Нема да има геополитички попуст, процесот на проширување ќе продолжи да се заснова на заслуги“, рече Кос. Таа изрази надеж дека во текот на следните шест месеци, за време на полското претседавање со Советот на ЕУ, Украина и Молдавија ќе можат да отворат еден или два кластери, а земјите од Западен Балкан ќе отворат неколку кластери и ќе затворат некои поглавја.

„Доколку земјите кандидати истраат во нивните реформски напори, би можеле да имаме поголем напредок за време на полското претседателство отколку во последните десет години. Можно е да се одржат 10 меѓувладини конференции за пристапување и мислам дека тоа е изводливо“, рече Кос. Таа додаде дека има реални изгледи за време на мандатот на оваа Комисија, една, две или три земји кандидати да стигнат до целта.

Истовремено предупреди за сложеноста на процесот на проширување, кој е целосно во рацете на земјите-членки, кои мора да дадат едногласна согласност за секој чекор во процесот. „Потребни се 150 едногласни одлуки за започнување и завршување на преговарачкиот процес на само една земја кандидат“, рече Кос.

Таа рече дека треба да се направи се, за да се избегнат билатералните прашања кои влијаат на преговарачкиот процес, „но тоа веќе се случува и ќе се случува во иднина, па задача на сите нас е да ги решиме кога ќе се појават“.