Митева: УПОЗ наместо на протест, требаше да започне со дијалог

Макфакс

14/01/2025

14:38

347

Големина на фонт

а а а

Владата е партнер на сите и спремни сме да ги прифатиме сите предлози и сугестии. Не изненадува фактот што токму УПОЗ како прв чекор го презема штрајкот, наместо дијалогот кој е прв демократски начин и метод за функционирање, истакна Марија Митева, владината портпаролка.

Таа истакна дека за само шест месеци Владата успеала да постигне договор за покачување на платите на вработените во здравството, во образованието, а се покачиле и пензиите.

„Владата обезбеди и додаток на плата и К-15 на сите вработени. И повторувам, подготвени сме да разговараме на секоја тема, но воедно дозволете ми да истакнам дека секој штрајк треба да биде организиран во согласност со Законот за работни односи и колективните договори, да биде најавен согласно Законот, да биде спроведена и постапката за помирување која воедно е задолжителна и да се определат нужни работи кои мора да се вршат.

Бидејќи за жал ниеден од овие постоечки законски услови не е исполнет, говори за незаконитост на штрајкот и отвара силен сомнеж дека овој штрајк е политички мотивиран.

Владата е отворена повторувам, за секаков вид на предлози и сугестии. Има бројни механизми преку кои можат да се отворат овие прашања, а воедно тоа е и Економскиот социјалниот совет кој го формираше Владата каде практично синдикатот партиципира и требале и можеле да го отворат ова прашање“, истакна Митева.

Според неа, интересно е што изминативе години овој синдикат како што рече, како да молчел за ова прашање.

„Со жалење мораме да истакнеме дека отворено се сомневаме дека зад ваквиот чекор стои политичка позадина на Синдикатот кој делува како продолжена рака на партиите, кои досега за жал ги злоупотребуваа правата на работниците“.

Праша дали ова е начинот на кој што се злоупотребува синдикалното движење во државата.

„Како Влада гледаме реално на работите и не сме задоволни од нивото на платата во администрацијата. Но, повторувам, потенцираме дека дијалогот е вистинскиот начин за изнаоѓање на решенија“, додаде Митева.