Зеленски бесен: Путин му нареди на Фицо да отвори нов енергетски фронт

Макфакс

28/12/2024

16:41

3.288

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во објава на социјалната мрежа „Икс“ остро реагираше на потегот на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој неодамна беше во посета на рускиот претседател Владимир Путин.

По посетата, словачкиот премиер Роберт Фицо рече дека неговата земја ќе разгледа реципрочни мерки против Украина, како што е прекинување на резервните испораки на електрична енергија по 1. јануари, доколку Киев, како што се очекуваше, го запре транзитот на руски гас за Словачка. Словачка се обидува да ги одржи испораките на руски гас преку Украина до 2025 година, иако Киев одби да го обнови транзитниот договор со Москва, кој истекува на крајот на годината.

„Се чини дека Путин му наредил на Фицо да отвори втор енергетски фронт против Украина на сметка на интересите на словачкиот народ. Заканите на Фицо дека ќе го прекине итното снабдување со електрична енергија за Украина оваа зима додека Русија ги напаѓа нашите електрани и енергетската мрежа можат само да се објасни на овој начин“, рече Зеленски.


„Единствената причина зошто Украина сега има потреба од увоз на електрична енергија е руската окупација на нуклеарната централа Запорожје и нејзината употреба на ракети и беспилотни летала Шахед за намерно уништување на голем дел од производството на топлинска и хидроелектрична енергија во Украина“, додаде Зеленски.

„Благодарение на херојските напори на нашите енергетски работници и соработката со ЕУ, САД, Обединетото Кралство, Норвешка, Јапонија и другите партнери, успеавме да спречиме прекин на струја во Украина. А сега Фицо ја вовлекува Словачка во обидите на Русија да предизвика нови страдања за Украинците“, рече украинскиот претседател.

„Мораме да го потсетиме Фицо на три работи. Прво и основно, поддршката на руската агресија е целосно неморална.

Второ, кратковидната политика на Фицо веќе го лиши словачкиот народ од компензација за загубата на рускиот транзит на гас. Сега ризикува да ги лиши Словаците од дополнителни 200 милиони долари годишно, кои Украина ги плаќа за увезена струја. Да, овој критичен увоз не е бесплатен, а цената е значителна.

Трето, сите во Европа, вклучително и народот на Словачка, ќе сметаат дека е многу попрофитабилно од секоја перспектива да соработуваат со соседите и со ЕУ за да го зголемат снабдувањето на Европа со енергетски ресурси, вклучително и гас од Америка и други партнери. Само ова може да ги намали трошоците за енергија за повеќето семејства“, рече Зеленски.


Уделот на Словачка во увозот на електрична енергија од Украина е приближно 19 отсто.

„Словачка е дел од единствениот европски енергетски пазар и Фицо мора да ги почитува заедничките европски правила. Сите произволни одлуки во Братислава или наредби од Москва до Фицо во врска со електрична енергија не можат да го прекинат снабдувањето со електрична енергија на Украина, но тие секако можат да ги прекинат врските на сегашните словачки власти со европската заедница“, заклучи украинскиот претседател.