Уапсена италијанска новинарка во Техеран: Се наоѓа во озлогласениот затвор „Евин“

Точка

27/12/2024

17:38

2.131

Големина на фонт

а а а

Иран ја уапси италијанската новинарка Сесилија Сала, соопшти италијанското Министерство за надворешни работи во денешното соопштение за медиумите. Како што пишува Блумберг, „II Foglio“, еден од медиумите за кој таа работи, објави дека новинарката се наоѓа во „озлогласениот“ затвор Евин во Техеран.

„Сесилија беше во Иран со соодветна виза за да ја раскаже приказната за земјата која ја познава и ја сака, земјата во која информациите се задушуваат со репресија, закани, заплашувања, насилство и апсења – често на штета на самите новинари“, соопшти „II Foglio“.


Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека Сала била уапсен од полицијата во Техеран на 19 декември и дека италијанските власти го следат случајот со „максимално внимание“. Тие додадоа дека римскиот амбасадор во Техеран ја посетил Сала и дека ѝ било дозволено да оствари два телефонски разговори со семејството.

Од друга страна иранската влада сè уште не го коментирала случајот.

Пристигнала во Иран пред две недели

Нејзините неодамнешни објави на Инстаграм и Х покажуваат дека таа пристигнала во Техеран околу 13 декември.

Новинарството во Иран

Ова не е прв пат Иран да приведе странски новинар или италијански државјанин. Алесија Пиперно беше уапсена во октомври 2022 година, а исто така извесно време беше задржана во истиот затвор во Техеран. Таа беше ослободена по околу 40 дена, кога Исламската Република ја преплавија масовни протести предизвикани од смртта на Махса Амини во полициски притвор.


Иран е едно од најлошите места во светот за новинарите. Според Индексот на слободата на медиумите за 2024 година, којшто го објавуваат Репортерите без граници, Иран го зазема 176-то место од 180-те оценети земји.

Како што пишува „Il Foglio“, од 2022 година, кога започнаа протестите „Жена, живот, слобода“, уапсени се 79 новинари, а некои се осудени на тешки казни. Само во првата половина од 2024 година, иранските власти уапсија или осудија најмалку 34 новинари.


Во средината на декември, непосредно по апсењето на американскиот државјанин и новинар Реза Вализаде, кој беше осуден на десет години затвор под обвинение за „соработка со непријателска влада“, портпаролот на Стејт департментот Метју Милер потсети дека иранската влада во текот на оваа година постојано ја задушуваше слободата на медиумите, со закани, заплашувања, притвор, присилни признанија и употреба на насилство врз новинарите.