Го нарекувале „Д-р Google“: Напаѓачот од Магдебург носи облека од хартија за да се спречи неговото самоубиство во ќелијата

Точка

24/12/2024

20:29

2.937

Големина на фонт

а а а

Напаѓачот од Магдебург, Талиб ал Абдулмохсен, кој во петокот уби пет лица и повреди повеќе од 200 кога со својот автомобил помина низ божиќниот пазар, во моментов е веројатно најчуваниот затвореник во Германија. Тој е под постојан надзор во својата ќелија и носи облека од хартија за да спречи обид за самоубиство.

Педесетгодишниот психијатар Ал Абдулмохсен, по потекло од Саудиска Арабија, беше уапсен во петокот вечерта веднаш по нападот. Во саботата, судијата го испрати во истражниот затвор со максимална безбедност во Бург, на околу 20 километри североисточно од Магдебург.


Оваа казнена установа, со капацитет за 931 затвореник, се простира на површина од 49,5 илјади квадратни метри. Нејзините надворешни ѕидови се долги 1,5 километри.



Според весникот Билд, напаѓачот по задолжителниот лекарски преглед се наоѓа во строго чувана просторија опремена со камера која го следи 24 часа. Чуварите постојано го надгледуваат и можат веднаш да реагираат доколку се обиде да се самоубие.


Ризикот од самоубиство дополнително се намалува со фактот дека Талиб ал Абдулмохсен носи само хартиена облека, за да не се обиде да се убие користејќи парчиња ткаенина.


Тој е целосно изолиран од останатите затвореници, делумно поради стравот дека може да стане цел на нивниот напад поради злосторството кое го направил. Тој е во контакт – освен со чуварите – само со неговите адвокати. Под надзор на неколку вработени во судската стража врши и индивидуални, редовни прошетки низ затворскиот двор.

Инаку Талиб ал Абдулмохсен пристигнал во Германија во 2006 година, а од 2020 година работел како психијатар и психотерапевт во клиника во Бернбург, Саксонија-Анхалт, а исто така и живеел во овој град.


За време на спорот околу признавањето на испитот, тој претходно им се заканувал на претставниците на лекарската комора дека ќе направи дело кое ќе предизвика меѓународно внимание. Тогаш поради тоа бил казнет со парична казна.

На клиниката тој бил задолжен за лекување на затвореници зависни од дрога, но сега се сомнева дека тој и самиот бил зависник, бидејќи еден нарко тест по нападот бил позитивен.

Инаку тој меѓу колегите го добил прекарот „Доктор Гугл“ затоа што често барал стручни информации на интернет пред да постави дијагноза, и наводно избегнувал да се консултира со колегите секогаш кога тоа било можно.

Според „Mitteldeutsche Zeitung“ некои пациенти не му верувале и одбивале тој да ги лекува. Од друга страна неговите колеги од клиниката изразија сомневање дека Талиб ал Абдулмохсен бил навистина квалификуван лекар.