Кога станува збор за здравата исхрана, често се соочуваме со дилема – која намирница да ја избереме? Чиа и ленено семе се два популарни избори, познати по тоа што се богати со влакна, омега-3 масни киселини и антиоксиданти.
Додека чиа семето често се нарекува „суперхрана“ на модерното време, лененото семе зазема важно место во традиционалната исхрана со векови. На прашањето кое од двета семиња е поздраво, одговара нутриционистката Дијана Радетиќ.
„Двете семиња имаат широк спектар на хранливи материи. Ленот е малку покалоричен, има повеќе масти и растворливи влакна. Има предност кога станува збор за тиамин, магнезиум, бакар и калиум, но има недостаток на селен, железо и калциум во споредба со чиа семето, додека фосфорот и цинкот се во рамнотежа. И двете семиња содржат поголема количина на омега-3 масти, 30 грама ленено семе содржи 6.388 милиграми, додека истото количество чиа семе содржи 4.915 милиграми. Доколку, на пример, сакате да го зголемите внесот на омега-3 масните киселини, изберете лен, а за зголемен внес на калциум изберете семе од чиа“ советува нутриционистката.
Позитивни ефекти
Го регулираат нивото на крвниот притисок и нивото на гликоза во крвта.
Содржат нерастворливи влакна, па се одлични сојузници во борбата против запек. Лененото семе содржи повеќе растворливи влакна кои помагаат во регулирањето на дијарејата.
Како добар извор на растителни влакна, овие семиња го намалуваат ризикот од рак. Сепак, семките од лен содржат поголема количина на антиоксиданти со антиканцерогено дејство, па во овој случај предност му се дава на ленот.
Лененото семе содржи повеќе растворливи растителни влакна кои се поефикасни во регулирањето на гладот и апетитот.
„Генерално, и двете семиња имаат слична содржина на хранливи материи, а разликите се мали. Меѓутоа, се чини дека лененото семе сепак има мала предност, особено кога станува збор за регулирање на чувството на глад и апетит и за намалување на ризикот од рак. Повеќето од споменатите својства, пак, важат само доколку секојдневно се консумираат 1-2 лажици чиа или ленено семе“ вели Радетиќ.
Како да се консумираат?
Двете семиња имаат благ вкус, па лесно е да се вклучат во секојдневната исхрана. Може да се додадат во јогурт, смути, овесна каша или печива.
Двете семиња се одлични за згуснување на јадењата или како замена за јајца. Иако и двете семиња можат да се јадат како цело зрно, најдобро е да се сомелат, бидејќи така хранливите материи полесно се апсорбираат.